Online Bible

- Reklamy -

Лука 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус ги испраќа дванаесетте апостоли
( Мт 10,5-15 ; Мк 6,7-13 )

1 Откако ги повика Дванаесетмината, им даде сила и власт над сите не­чисти духови, и да лекуваат болести.

2 И потоа ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.

3 И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате!

4 Но, во која куќа ќе влезете, тука ос­танувајте, и оттаму тргнувајте на пат.

5 А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, за сведоштво против нив.“

6 А кога излегоа, тие одеа по селата проповедајќи го Евангелието и лекувај­ќи насекаде.


Вознемиреноста на Ирод
( Мт 14,1-12 ; Мк 6,14-29 )

7 Кога слушна Ирод четворовласни­кот што Тој прави, беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;

8 други, пак, дека се јавил Илија, а не­кои – дека се дигнал еден од старите пророци.

9 И рече Ирод: „На Јован јас му ја от­секов главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?“ И сакаше да Го види.


Исус нахранува пет илјади луѓе
( Мт 14,13-21 ; Мк 6,30-44 ; Јн 6,1-14 )

10 А апостолите, кога се вратија, Му раскажаа што направиле. Тогаш ги зе­де, отиде насамо во пусто место до гра­дот, што се викаше Витсаида.

11 Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.

12 А денот почна да намалува. И се приближија до Него Дванаесетмината и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; зашто овде сме во пусто место.“

13 Но Тој им рече: „Дајте им вие да ја­дат!“ Тие одговорија: „Ние немаме по­веќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“

14 А луѓето беа околу пет илјади. Но Тој им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат во групи по педесет.“

15 И направија така, и ги поредија си­те.

16 А Тој, кога ги зеде петте леба и две­те риби, погледна кон небото, ги бла­гос­лови, ги раскрши и им ги даде на уче­ни­ците за да ги стават пред народот.

17 И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет ко­ше­ви.


Петар Го признава Исус за Месија
( Мт 16,13-19 ; Мк 8,27-29 )

18 Еднаш, кога Исус се молеше сам, а само учениците Негови беа со Него, Тој ги праша: „За кого Ме смета народот?“

19 Тие одговорија и рекоа: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а не­кои, пак, дека воскреснал еден од ста­ри­те пророци.“

20 Тој им рече: „А вие, за кого Ме сме­тате?“ Петар одговори и рече: „За Христос Божји.“


Исус првпат ги претскажува Својата смрт и воскресение
( Мт 16,20-21 ; Мк 8,30-31 )

21 И Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа,

22 велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книж­ниците и дека ќе биде убиен, и де­ка на третиот ден ќе воскресне.


Патот на Исусовите следбеници
( Мт 16,24-28 ; Мк 8,34–9,1 )

23 А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи!

24 Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби жи­вотот свој заради Мене, тој ќе го спаси.

25 Зашто, каква му е ползата на чо­ве­ка, ако го добие целиот свет, а себе са­миот се изгуби или си направи штета?

26 Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ан­ге­ли.

27 Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“


Исусовото преображение
( Мт 17,1-8 ; Мк 9,2-8 )

28 На осум дена по овие зборови, ги зе­де со Себе Петар, Јован и Јаков, и се ис­качи на гората да се помоли.

29 И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и светла.

30 И ете, двајца луѓе разговараа со Не­го; а тие беа Мојсеј и Илија.

31 Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим.

32 А Петар и неговите другари ги бе­ше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.

33 И кога се разделуваа од Него, Пе­тар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме ов­де; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“

34 Додека го велеше тоа, се појави об­лак и фрли сенка врз нив; и се уплашија штом влегоа во облакот.

35 И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него по­слушајте Го!“

36 А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе.


Оздравувањето на бесомачното момче
( Мт 17,14-18 ; Мк 9,14-27 )

37 А на другиот ден, додека се симнуваа од гората, Му доаѓаше во пресрет многу народ.

38 И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мо­јот син, зашто ми е единец!

39 Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува силно да вриска. Го растргнува толку силно, што тој сиот се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта.

40 Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“

41 Одговори Исус и рече: „О, роде не­верен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го си­нот твој тука!“

42 И додека тој уште приоѓаше, злиот дух го кутна и почна да го тресе. Но Исус му заповеда на нечистиот дух и го излекува момчето и го предаде на татко му.


Исус повторно ги претскажува Својата смрт и воскресение
( Мт 17,22-23 ; Мк 9,30-32 )

43 И сите беа вчудовидени од Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на учениците Свои:

44 „Запамтете ги во ушите свои овие зборови: ‚Синот Човечки ќе биде пре­да­ден во рацете на луѓето.‘“

45 Но тие не го разбраа овој говор, зашто беше прикриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење.


Кој е најголем
( Мт 18,1-5 ; Мк 9,33-37 )

46 И им дојде мисла: кој од нив е најголем.

47 А Исус, знаејќи ја мислата на нив­ните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе,

48 па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.“


Кој не е против вас, тој е со вас!
( Мк 9,38-40 )

49 Проговори Јован и рече: „Учителе, видовме еден човек, кој во Твое име ис­терува демони, па му забранивме, би­деј­ќи не оди со нас.“

50 Исус му рече: „Не забранувајте му! Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.“


Негостопримливите Самарјани

51 А кога се навршуваа деновите на Неговото воздигнување, Тој одлучи да тргне на пат за Ерусалим;

52 и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско се­ло да подготват (преноќиште) за Него.

53 Но не Го примија, зашто имаше из­глед на патник што оди во Ерусалим.

54 Кога го видоа тоа учениците Не­го­ви, Јаков и Јован, рекоа: „Господи, са­каш ли да кажеме да падне оган од не­бото и да ги истреби, како што направи и Илија?“

55 Но Тој се сврте кон нив и ги укори.

56 Потоа отидоа во друго село.


Исусовите следбеници
( Мт 8,19-22 )

57 А додека тие патуваа, некој Му ре­че: „Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“

58 Исус му рече: „Лисиците имаат лег­ла и птиците небески гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.“

59 На друг, пак, му рече: „Врви по Мене!“ А тој одговори: „Господи, допушти најнапред да отидам да го погребам татко ми!“

60 Но Исус му рече: „Остави ги мрт­ви­те да ги закопуваат своите мртовци, а ти оди и разгласувај го царството Бож­јо!“

61 Потоа некој друг Му рече: „Гос­по­ди, ќе одам по Тебе, но дозволи ми нај­нап­ред да се простам со своите домаш­ни.“

62 Исус, пак, му рече: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy