Лука 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Првите ученици ( Мт 4,18-22 ; Мк 1,16-20 ; Јн 21,1-11 ) 1 Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Тој стоеше покрај Генисаретското езеро. 2 Тогаш виде два кораба што стоеја покрај езерото; а рибарите беа излегле од нив и си ги плавеа мрежите. 3 Тој влезе во еден од корабите, кој беше на Симон, па го замоли да отплови малку од брегот, па седна и почна да го поучува народот од коработ. 4 А штом престана да говори, му рече на Симон: „Заплови кон длабочините и фрлете ги мрежите свои за лов!“ 5 Но Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.“ 6 И штом го направи тоа, тие уловија толку големо количество риба, што дури и мрежата им се скина. 7 Им дадоа знак на другарите што беа во другиот кораб да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба, така што за малку ќе потонеа. 8 А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“ 9 Зашто него, и сите што беа со него, ги беше обзел страв од многуте риби, што ги уловија, 10 а исто така и Јаков и Јован, синовите Заведееви, кои му беа другари на Симон. И му рече Исус на Симон: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!“ 11 Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него. Исцелувањето на лепрозниот ( Мт 8,1-4 ; Мк 1,40-45 ) 12 А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек, сиот лепрозен, и штом Го виде Исус, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.“ 13 Исус, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата падна од него. 14 И му заповеда никому да не кажува; и му рече: „Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што одредил Мојсеј, ним за сведоштво!“ 15 Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу луѓе доаѓаа да Го слушаат и да бидат излечени од своите болести. 16 А Тој се повлекуваше во осамени места и се молеше. Исцелувањето на фатениот човек ( Мт 9,1-8 ; Мк 2,1-12 ) 17 Еден ден, додека Тој поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Тој имаше сила Господова да лекува. 18 И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше неподвижен, и сакаа да го внесат и положат пред Него; 19 па, бидејќи не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постела, насреде, пред Исус. 20 А Тој, штом ја виде верата нивна, рече: „Човеку, ти се простуваат гревовите!“ 21 Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен Единиот Бог?“ 22 А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: „Што размислувате во срцата свои? 23 Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите‘, или да кажам: ‚Стани и оди?‘ 24 Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите.“ Му рече на неподвижниот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ 25 И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога. 26 Ужас ги обзеде сите и Го славеа Бога; па, исполнети со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!“ Гозбата кај Левиј ( Мт 9,9-17 ; Мк 2,13-17 ) 27 А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој седеше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“ 28 Тој остави сѐ, стана и тргна по Него. 29 И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив. 30 Книжниците, пак, и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“ 31 Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; 32 не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“ За постот ( Мт 5,14-15 ; Мк 2,18-20 ) 33 А тие Му рекоа: „Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?“ 34 Тој им рече: „Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот? 35 Но ќе дојдат дни кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш во тие дни, ќе постат.“ Старото и новото ( Мт 9,16-17 ; Мк 2,21-22 ) 36 Им ја кажа и оваа парабола: „Никој не пришива на стара облека крпа отсечена од нова облека; зашто и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа. 37 И никој не налива ново вино во стари мевови; зашто новото вино ќе ги расцепи мевовите, и тоа ќе истече, а мевовите ќе се упропастат; 38 туку, ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се зачува и едното и другото. 39 И никој, откако пиел старо вино, нема да побара ново; зашто вели: ‚Старото е подобро.‘“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society