Лука 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исусовото искушување ( Мт 4,1-11 ; Мк 1,12-13 ) 1 Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината. 2 Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот. Во текот на тие денови не јадеше ништо, а кога изминаа тие, најпосле огладне. 3 Тогаш Му рече ѓаволот: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.“ 4 А Исус му одговори: „Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот (туку и со секој збор Божји).“ 5 Потоа ѓаволот Го одведе на една висока планина и му ги покажа за миг сите царства во светот. 6 И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. 7 Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.“ 8 Но Исус му одговори и рече: „(Бегај од Мене, сатано, зашто) напишано е: ‚На Господ, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘“ 9 И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! 10 Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те зачуваат; 11 и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш ногата Своја на камен.‘“ 12 И Исус му одговори и рече: „Кажано е: ‚Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“ 13 Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време. Исус го започнува Своето дејствување во Галилеја ( Мт 4,12-17 ; Мк 1,14-15 ) 14 И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај. 15 А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите го славеа. Исус е отфрлен во Назарет ( Мт 13,54-58 ; Мк 6,1-6 ) 16 И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита. 17 Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано: 18 „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; 19 да ја проповедам благопријатната година Господова!“ 20 Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него. 21 И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте.“ 22 И сите Му потврдија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“ 23 А Тој им рече: „Некој од вас сигурно ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“ 24 Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во својата татковина. 25 Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја; 26 и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска; 27 и имаше мнозина лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.“ 28 А кога го слушнаа тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; 29 па станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора. 30 Но Тој помина меѓу нив и си отиде. Исус во Капернаум. Силата на Неговиот збор ( Мт 7,28-29 ; Мк 1,21-28 ) 31 И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови. 32 И се чудеа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно. 33 Во синагогата се наоѓаше еден човек обземен од дух на нечист демон, и тој извика гласно: 34 „Еј, што сакаш Ти, Исусе од Назарет? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си. Ти си Светец Божји.“ 35 А Исус му заповеда, говорејќи: „Молкни и излези од него!“ Па откако го кутна насреде, духот зол излезе од него и ништо лошо не му направи. 36 Сите ги обзеде страв, па си зборуваа меѓу себе: „Каков ли е тој збор! Зашто со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат!“ 37 Па се разнесе глас за Него по сите околни места. Исус оздравува многумина болни ( Мт 8,14-17 ; Мк 1,29-34 ) 38 Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а тештата на Симон имаше силна треска, и Го помолија за неа. 39 И како застана над неа, Тој ја прекори треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше. 40 И на зајдисонце, сите што имаа болни од разни болести ги доведуваа кај Него; а Тој, положувајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше. 41 Од мнозина излегуваа демони со викање, и велеа: „Ти си Христос, Син Божји.“ А Тој забрануваше и не им дозволуваше да кажуваат дека знаат дека е Тој Христос. Исус проповеда во Јудеја ( Мт 4,23 ; Мк 1,35-39 ) 42 Кога се раздени, Тој излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа кај Него, Го задржуваа да не си оди од нив. 43 А Тој им рече: „И на другите градови треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, зашто за тоа сум пратен.“ 44 И проповедаше по синагогите галилејски. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society