Лука 15 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исус и грешниците 1 Се приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат. 2 А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ Парабола за загубената овца ( Мт 18,12-14 ) 3 Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече: 4 „Кој од вас, ако има сто овци, и ако загуби само една од нив, нема да ги остави останатите деведесет и девет во пустината и нема да оди да ја бара загубената, сѐ додека не ја најде? 5 А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; 6 и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!‘ 7 Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од каење. Парабола за загубената драхма 8 Или која жена, ако има десет драхми, и ако загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, и да бара внимателно, сѐ додека не ја најде? 9 А штом ќе ја најде, ќе повика пријатели и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘ 10 Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.“ Парабола за загубениот син 11 И рече: „Еден човек имаше два сина. 12 Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот. 13 По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. 14 И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; 15 па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи. 16 И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. 17 А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, тука умирам од глад. 18 Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, 19 и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници.“‘ 20 Па стана и отиде кај татка си. И кога беше уште далеку, го виде неговиот татко и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. 21 И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘ 22 А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; 23 па доведете едно згоено теле и заколете го; да јадеме и да се веселиме, 24 зашто овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде.‘ И почнаа да се веселат. 25 А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, слушна песни и извици. 26 И тогаш повика еден од слугите и го праша: ‚Што е ова?‘ 27 А тој му рече: ‚Брат ти си дојде и татко ти закла згоено теле, затоа што повторно здрав го доби.‘ 28 Тој се налути и не сакаше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. 29 А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, ти служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре за да се провеселам со моите пријатели; 30 а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла згоено теле.‘ 31 А тој му рече: ‚Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; 32 но требаше да се зарадуваме и развеселиме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.‘“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society