Лука 13 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Повик за покајување 1 Во истото време беа присутни и некои, кои Го известија за настанот со Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви. 2 Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа? 3 Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете! 4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни должници од сите други што живеат во Ерусалим? 5 Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“ Парабола за неплодната смоква 6 И ја кажа оваа парабола: „Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, но не најде. 7 Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата.‘ 8 А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре; 9 па, ако роди, добро, а ако не даде плод, тогаш в година ќе ја пресечеш.‘“ Исцелувањето на згрчената жена 10 Во една од синагогите Тој поучуваше во сабота. 11 И ете, дојде една жена која беше обземена од дух што ѝ предизвикуваше немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи; 12 штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од болеста своја.“ 13 И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога. 14 А началникот на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во сабота!“ 15 Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? 16 А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“ 17 И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него. Парабола за синаповото зрно ( Мт 13,31-32 ; Мк 4,30-32 ) 18 А Тој рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам? 19 Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески си прават гнезда на неговите гранки.“ Споредба со квасецот ( Мт 13,33 ) 20 И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо? 21 Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.“ Тесната врата ( Мт 7,13-14 . 21-23 ) 22 И по патот за Ерусалим минеше низ градови и села и поучуваше. 23 Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече: 24 „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат. 25 Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве знам од каде сте!‘ 26 Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘ 27 А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘ 28 Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор. 29 И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. 30 И така, има последни што ќе бидат први, а има и први што ќе бидат последни.“ Исус и Ерусалим ( Мт 23,37-39 ) 31 Во тој ден пристапија некои од фарисеите и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, зашто Ирод сака да Те убие!“ 32 И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам демони и исцелувам уште денес и утре – а на третиот ден ќе завршам; 33 но Јас треба да го проследам Своето патување уште денес, утре и задутре, бидејќи не доликува пророк да загине надвор од Ерусалим. 34 Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што ти се пратеници твои. Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како што квачка ги собира пилињата свои под крилја, но не сакавте. 35 И ете, домот ваш ќе ви биде напуштен. И Јас ви велам дека нема да Ме видите сѐ додека не дојде времето да кажете: ‚Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!‘“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society