Online Bible

- Reklamy -

Лука 12 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Јавно исповедање на Синот Човечки
( Мт 10,26-33 )

1 Меѓутоа, кога се насобраа ил­јадници луѓе – така што се газеа еден со друг, Тој почна да им зборува најнапред на Своите ученици: „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицеме­рие.

2 Нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту пак тајно што не ќе се дознае.

3 Затоа, што сте рекле во темнина, ќе се слушне на виделина; и што сте ше­по­теле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите.

4 А вам, на Моите пријатели, ви ве­лам: не плашете се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат.

5 Ќе ви покажам од кого да се пла­шите: плашете се од Оној Кој, откако убие, има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него плашете се!

6 Зар не се продаваат пет врапчиња за две парички? И ниедно од нив Бог не го заборава.

7 А вам, и влакната на главата ви се изброени. Па затоа, не плашете се: од многу врапчиња вие сте поскапи.

8 Ви велам: секој што Ме признава Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели.

9 А кој ќе се одрече од Мене пред лу­ѓето, тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.

10 На секој што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој ќе похули на Светиот Дух, нема да му се прости.

11 А кога ќе ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не гри­жете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;

12 зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете.“


За земното богатство

13 Некој од народот Му рече: „Учи­те­ле, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“

14 А Тој му рече: „Човеку, кој Ме пос­тави да ви судам или да ве делам?“

15 Потоа им кажа: „Внимавајте! Чу­вај­те се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на не­го­виот имот.“


Парабола за алчниот богат човек

16 И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу.

17 И размислуваше во себе, велејќи: ‚Што да направам? Не­мам во што да ги соберам плодовите свои.‘

18 Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам по­го­леми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,

19 и ќе ѝ речам на душата своја: ‚Ду­шо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и ве­се­ли се!‘

20 Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?‘

21 Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога.“


Имај доверба во Бога!
( Мт 6,25-34 )

22 И им рече на учениците Свои: „За­тоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете.

23 Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеката.

24 Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?

25 Мисли ли некој од вас дека, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст?

26 И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се гри­жите за друго?

27 Погледајте ги лилјаните како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.

28 Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни!

29 Па затоа и вие, не барајте што ќе ја­дете или што ќе пиете; и не се загри­жу­вајте!

30 Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.

31 Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено!


Ризниците на Небото
( Мт 6,19-21 )

32 Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.

33 Продајте си ги имотите ваши и да­вајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, ризница на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;

34 зашто, каде што е вашата ризница, таму ќе биде и срцето ваше.


За слугите што секогаш бдеат
( Мт 24,43-44 )

35 Нека ви биде половината пре­па­ша­на и светилата – запалени!

36 Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се вра­ти од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и почука.

37 Блазе на оние слуги што ќе ги за­те­че господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.

38 А ако дојде и на втора или на трета ноќна стража, и ги затекне така, блазе на тие слуги!

39 Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би доз­волил да му ја поткопаат куќата.

40 Затоа и вие, бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате!“


За верниот и неверниот слуга
( Мт 24,45-51 )

41 А Петар Му рече: „Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?“

42 Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и разборит управител, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им ја дава потребната храна на­вре­ме?

43 Блазе на тој слуга, чиј господар, ко­га ќе дојде, ќе го затекне така да пос­та­пува!

44 Вистина ви велам дека тој ќе го пос­тави него над целиот свој имот.

45 Ако, пак, тој слуга си рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот гос­подар!‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,

46 господарот на тој слуга ќе дојде во ден во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави ме­ѓу неверните.

47 А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.

48 Кој, пак, не знаел и направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан. Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.


Исус – причина за поделеност
( Мт 10,34-36 )

49 Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.

50 Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно додека не се сврши тоа.

51 Мислите ли дека сум дошол да да­дам мир на земјата? Не, ви велам, туку разделеност.

52 Зашто отсега, пет члена во една ис­та куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца.

53 Ќе се разделат татко против син и син против татко; мајка против ќерка и ќерка против мајка; свекрва против снаата своја и снаа против свекрвата своја.“


Разбирање на сегашното време
( Мт 16,2-3 )

54 А на народот му рече: „Кога гледа­те дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ И тоа се слу­чу­ва.

55 А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива.

56 Лицемери, знаете како да го толкувате лицето на небото и земјата, зошто ова време не умеете да го толкувате?


Спогоди се со својот обвинител!
( Мт 5,25-26 )

57 Зошто тогаш сами од себе не судите што е праведно?

58 Кога одиш со својот обвинител пред власта, потруди се уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на извршителот и тој да те фрли в затвор.

59 Ти велам, оттаму нема да излезеш, сѐ додека не ја дадеш и последната па­ра.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy