Левитска 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Стапување на должност на Арон и на неговите синови 1 А во осмиот ден ги повика Мојсеј Арона и синовите негови и старешините израелски, 2 па му рече на Арон: „Земи од говедата свои теле поради грев, и овен за сепаленица, обете без недостаток, и принеси ги пред Господ. 3 И на старешините израелски кажи им: земете козел за жртва за грев, и теле и јагне, едногодишни, без недостаток, за жртва сепаленица, 4 а и теле, и овен за принесување жртва за мир пред Господ, и лебен принос измешан со масло, бидејќи денес ќе ви се јави Господ вам.“ 5 Зедоа сѐ како што им заповеда Мојсеј, и сето тоа го донесоа пред скинијата на собранието; се собра целиот народ, па застана пред Господ. 6 Им рече Мојсеј: „Еве што заповеда Господ да направите, и ќе ви се покаже славата Господова.“ 7 Му рече Мојсеј на Арон: „Пристапи до жртвеникот и принеси жртва за гревот твој и твојата жртва сепаленица, очисти се себеси и народот и принеси жртва за народот и очисти ги, како што заповеда Господ.“ 8 Тогаш пристапи Арон до жртвеникот и закла теле за него, како жртва за грев, 9 и принесоа синовите Аронови крв до него, и тој го натопи прстот свој во крвта и стави од неа на роговите од жртвеникот, а остатокот од крвта го излеа во подножјето на жртвеникот; 10 лојот и обата бубрега, и кошулката на црниот дроб, ги изгоре врз жртвеникот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј; 11 месото, пак, и кожата ги изгоре надвор од логорот. 12 Потоа закла жртва сепаленица, и синовите Аронови му поднесоа од крвта нејзина, а тој го попрска жртвеникот од сите страни; 13 му ја донесоа и жртвата сепаленица во делови; сето тоа, и главата, ги изгоре на жртвеникот, 14 а утробата и нозете ги изми, и ги изгоре врз жртвеникот заедно со жртвата сепаленица. 15 Потоа тој принесе дар од народот; зеде козел поради гревот на народот, го закла, и го принесе како жртва за грев како и првиот. 16 И принесе жртва сепаленица, и го изврши тоа според заповедите како што треба. 17 А принесе и лебен принос и ги наполни рацете со него, и го изгоре на жртвеникот, врз утринската жртва сепаленица. 18 Ги закла и волот и овенот што беа од народот, како жртва за мир; и синовите Аронови му ја принесоа крвта нивна, и тој го полеа со неа жртвеникот од сите страни; 19 му го дадоа и лојот од волот и опашката од овенот, и лојот што ја покрива утробата, и обата бубрега, како и кошулката од црниот дроб, 20 па го ставија лојот врз градите, и тој го изгоре лојот врз жртвеникот; 21 градите, пак, и десната плешка ги принесе Арон нишајќи ги пред Господ, како што му заповеда Господ на Мојсеј. 22 Потоа ги подигна Арон рацете кон народот и го благослови, па потоа слезе, откако принесе жртва за грев, жртва сепаленица и жртва за мир. 23 А Мојсеј и Арон влегоа во скинијата на собранието, па излегоа и го благословија народот и им се јави славата Господова на сите луѓе: 24 и се јави оган од Господ и ги изгоре на жртвеникот жртвата сепаленица, и лојот; а народот, кога го виде тоа, викна од радост и падна ничкум на земјата. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society