Левитска 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Прописи за свештениците Жртва сепаленица 1 И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Заповедај му на Арон и на синовите негови, и кажи им: ова е законот за жртви сепаленици – жртвата сепаленица нека гори врз жртвеникот цела ноќ до изутрина; и огнот нека гори на жртвеникот. 3 Свештеникот нека ја облече ленената одежда, а и ленената долна облека нека ја облече на телото свое, па потоа нека ја собере пепелта од жртвата што огнот ја изгорел и нека ја стави покрај жртвеникот. 4 А откако ќе ги соблече одеждите свои и облече други, нека ја изнесе пепелта надвор од логорот на чисто место. 5 А огнот што е на жртвеникот, нека гори на него, да не се гасне. Свештеникот нека потпалува врз него дрва секое утро, и нека ја поставува на него жртвата сепаленица, нека го гори на него лојот од жртвата за мир. 6 Огнот да гори постојано на жртвеникот, нека не се гасне. Лебен принос 7 Ова е законот за лебниот принос, што ќе го принесуваат синовите Аронови пред Господ при жртвеникот. 8 Свештеникот нека земе грст од лебниот принос и од пченичното брашно и од маслото и сиот темјан, што е врз жртвата, и нека го изгори тоа на жртвеникот како спомен за благопријатен мирис пред Господ. 9 А она што ќе преостане од неа, му припаѓа за јадење на Арон и на синовите негови; нека го јадат пресно, на свето место; во дворот од скинијата на собранието нека го јадат. 10 Да не се пече со квас: тоа е дел што им го давам како дар од приносите Господови; тоа е најголема светиња како жртвата за грев и жртвата за престап. 11 Секое машко меѓу синовите Аронови нека јаде од неа. Тоа е вечен дел за потомството нивно од приносите на Господ; секој, што ќе се допре до него, ќе биде осветен.“ 12 И уште му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 13 „Тоа е дарот од Арон и синовите негови што ќе Му го принесуваат на Господ во оној ден кога ќе биде помазан: една десетина од ефа пченично брашно како постојана жртва, половина за наутро, а другата половина за навечер. 14 Жртвата треба да се приготвува во тава, со масло; натопена во масло и на парчиња принесувај ја, онака како што се дели на парчиња лебниот принос; принесувај ја како благопријатен мирис пред Господ. 15 И свештеникот меѓу синовите негови, што ќе биде помазан по него, нека го прави тоа; тоа е вечен закон на Господ. Сета жртва треба да се изгори. 16 И секој свештенички лебен принос треба целиот да се гори, и да не се јаде.“ Жртва поради грев 17 И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 18 „Кажи му на Арон и на синовите негови, и речи им: ова е закон за жртвата поради грев – на местото каде што се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и жртвата за грев пред Господ, бидејќи тоа е најголема светиња. 19 Свештеникот што ќе ја принесува, нека јаде; на свето место нека ја јаде, во дворот од скинијата на собранието. 20 Сѐ што ќе се допре до месото нејзино ќе се освети; а ако некој ја испрска облеката своја со крвта нејзина, оној дел што ќе биде испрскан нека го испере на свето место. 21 И садот земјен, во кој се варела, нека се скрши; ако е, пак, готвена во бакарен сад, нека се истрие и со вода нека се измие. 22 Секое машко од свештенички род нека го јаде тоа; тоа е најголема светиња. 23 А секоја жртва за грев, од која се внесува крв во скинијата на собранието, за да се изврши очистување во светилиштето, да не се јаде; таа треба да се изгори.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society