Левитска 24 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Светилата на светилникот 1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Заповедај им на синовите израелски да земат чисто маслиново масло, исцедено за светење, та светлото да гори секогаш 3 пред завесата во скинијата на собранието, а ќе го пали Арон постојано пред Господ од вечерта, дури до утрината; и тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши. 4 На чист светилник распоредете ги светилата кои ќе горат постојано пред Господ; Лебови на предложението 5 и земете пченично брашно и измесете од него дванаесет лебови – секој леб да тежи по две десетини од ефа; 6 поставете ги во два реда, по шест во ред, на чистата трпеза пред Господ. 7 И во секој ред ставете и чист темјан; и тоа нека биде крај лебовите како спомен – жртва за Господ. 8 Секој саботен ден постојано да се принесуваат лебови пред Господ од синовите израелски: тоа е вечен завет. 9 Тие да му припаѓаат на Арон и на синовите негови за да ги јадат на свето место; тоа е голема светиња за нив од жртвите Господови, овековечена со закон.“ Казна за богохулник 10 Тогаш излезе синот на една жена Израелка, што го беше родила со Египќанец, меѓу синовите Израелови и се скара со еден Израелец во населбата; 11 и синот на Израелката похули на Името. И го доведоа кај Мојсеј; името на мајка му беше Шеломит, Дивриева ќерка од племето Даново; 12 па го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова. 13 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 14 „Изведи го оној што хулеше надвор од логорот, а сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења, 15 и кажи им на синовите израелски: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев; 16 и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придојден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре. 17 Кој ќе убие човек, да биде умртвен. 18 Кој ќе удри добиток и тој умре, да го плати; добиток за добиток. 19 На оној, што ќе му нанесе повреда на ближен, да му се направи и нему она што го направил тој; 20 прелом за прелом, око за око, заб за заб; како што му нанел повреда на човек, така и нему да му се направи. 21 Кој ќе убие добиток, нека го плати, но кој удри човек и умре, да биде умртвен. 22 Една правда да има како за придојден така и за тукашен, затоа што Јас сум Господ, вашиот Бог.“ 23 Така Мојсеј им зборуваше на синовите израелски. И го изведоа оној што беше похулил надвор од населбата и го убија со камења; синовите на Израел направија така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society