Левитска 19 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Како треба да Му се служи на Бога 1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Кажи му на целото општество на синовите на Израел и речи им: бидете свети, затоа што сум свет Јас, Господ, вашиот Бог. 3 Секој да ги почитува таткото свој и мајката своја и да ги запазува Моите саботи. Јас сум Господ, вашиот Бог. 4 Не одете по идоли, и излеани богови не правете си. Јас сум Господ, вашиот Бог. 5 Кога Му принесувате на Господ жртва за мир, принесувајте ја за да биде примена. 6 Таа треба да се јаде во денот, кога ја принесувате, и вториот ден, а она што ќе остане во третиот ден, да се изгори на оган. 7 Ако некој ја јаде во третиот ден, тоа е одвратно и жртвата нема да се прими. 8 Оној што ќе ја јаде, ќе навлече врз себе грев, бидејќи го осквернил она што Му е свето на Господ; секој таков човек ќе биде истребен од народот свој. 9 Кога ја собирате жетвата од земјата своја, не ја жнеј нивата своја докрај, и паднатите класја од жетвата своја не собирај ги. 10 А и лозјето свое не собирај го до зрно, и паднатите зрна од брањето не собирај ги; остави го тоа за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог. 11 Не крадете, не лажете и не мамете го ближниот свој. 12 Не колнете се лажно во Моето име, не осквернувајте го името на вашиот Бог; Јас сум Господ. 13 Не притеснувај го и не ограбувај го ближниот свој. Надницата на наемникот твој не смее да остане кај тебе до утредента. 14 Не навредувај глув човек и пред слеп не ставај ништо, од кое може да се сопне; имај страв од твојот Бог. Јас сум Господ. 15 Не прави неправда кога судиш: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот; суди му на ближниот свој по правда. 16 Не шири лага меѓу народот свој и не посегнувај врз животот на ближниот свој. Јас сум Господ. 17 Во срцето свое не мрази го братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа. 18 Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ. 19 Чувајте ги Моите закони: не спарувај го добитокот свој со добиток од друг род; не сеј на нивата своја два вида семе; облека ткаена од две различни преѓи не облекувај. 20 Ако некој преспие со жена, а таа е робинка, свршена за маж, но уште неоткупена, или уште не ѝ е дадена слобода, да се казнат и обајцата, но не со смрт, зашто таа не е слободна; 21 тој нека донесе пред Господ крај влезот од скинијата на собранието жртва за вина: еден овен, 22 и ќе го очисти свештеникот пред Господ, преку овенот за вина, за гревот што го направил, и извршениот грев ќе му биде простен. 23 Кога ќе дојдете во земјата и ќе посадите какво и да било плодно дрво, сметајте ги плодовите негови за нечисти; три години неговиот плод треба да е за вас нечист и да не се јаде; 24 а во четвртата година секој негов плод е свет, посветен на Господ за благодарност. 25 Во петтата, пак, година, можете да ги јадете плодовите негови и да го собирате целиот негов род. Јас сум Господ, вашиот Бог. 26 Не јадете ништо со крв; не вражајте и не гатајте. 27 Не стрижете ја главата своја наоколу и не расипувајте го крајот од брадата своја. 28 Заради умрен не правете рецки по снагата своја и не цртајте букви по телото свое. Јас сум Господ. 29 Не осквернувај ја ќерката своја, со тоа што ќе ѝ дозволиш да врши блуд, за да не се најде земјата во блудство и да се исполни со разврат. 30 Саботите Мои пазете ги и почитувајте го она што Ми е свето. Јас сум Господ. 31 Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш. 32 Пред бели коси станувај, почитувај го лицето на старец и имај страв од твојот Бог. Јас сум Господ. 33 Кога придојден ќе се насели во земјата ваша, не притеснувајте го; 34 придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во египетската земја. Јас сум Господ, Бог ваш. 35 Не правете неправда кога судите, кога мерите со метар или со тегови и кога измерувате зафатнина; 36 мерките ваши да ви бидат точни, теговите точни, ефата верна и хинот верен. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од египетската земја. 37 Пазете го целиот Мој закон и сите Мои повелби, и извршувајте ги. Јас сум Господ.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society