Online Bible

- Reklamy -

Левитска 16 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Големиот ден на очистувањето

1 И му зборуваше Господ на Мојсеј по смртта на двајцата Аро­нови синови, кога тие, откако принесоа пред Господ, умреа;

2 и му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на братот твој Арон да не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред очистилиштето, што е врз ковчегот, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во облак.

3 Еве со што да влегува Арон во све­тилиштето: со теле како жртва за грев и со овен – за сепаленица.

4 Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, и ленен ки­дар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува.

5 И од заедницата на синовите израелски да земе Арон два козела како жртва за грев и еден овен – за сепаленица.

6 Потоа Арон да приведе теле како жр­тва за грев за себе, и така ќе се направи чист – себеси и домот свој,

7 па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави кај вратата од скинијата на со­бранието, пред лицето Господово.

8 И тогаш Арон ќе фрли ждрепка за двата козела: една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање.

9 И да го доведе Арон козелот на кој паднала ждрепката за Господ, и да го принесе како жртва за грев;

10 а козелот на кој паднала ждрепката за отпуштање, да го постави жив пред Господ, за да изврши над него обред за очистување и да го пушти во пустината за отпуштање.

11 Потоа Арон да го приведе телето како жртва за грев за себе, и ќе се очисти самиот и домот негов; и да го принесе како жртва поради гревот свој.

12 А потоа да земе кадилница, полна со разгорен јаглен од жртвеникот, што е пред Господ, и да ги наполни рацете со иситнето миризливо кадиво, и тоа да го внесе зад завесата;

13 и да го стави кадивото врз огнот пред Господ; и димот од кадивото ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на заветот, за да не умре.

14 И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска однапред очис­ти­лиштето и пред него; седумпати да по­прска од крвта со прстот свој пред очистилиштето.

15 Тогаш да го заколе козелот како жртва поради грев за народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто како што направи со крвта од телето, и да попрска врз очистилиштето и спрема очис­тилиш­тето,

16 и да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гре­вови. Така треба да постапи тој и со ски­нијата на собранието, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни.

17 Кога ќе влезе тој за да го очисти светилиштето, и сѐ додека не излезе, никој да нема во скинијата. И така ќе се очисти самиот себе, својот дом и сиот израелски народ.

18 Потоа ќе пристапи пред жртве­ни­кот, што е пред Господ, и ќе го очисти и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе ги помаже роговите на жртвеникот од сите страни,

19 и ќе го попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите из­раелски.

20 Па, откако ќе ги очисти светилиш­тето, скинијата на собранието и жр­т­веникот, ќе го приведе живиот козел.

21 Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите израелски, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустината;

22 и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустината.

23 Тогаш Арон да влезе во скинијата на собранието, да ги соблече ленените одежди, во кои беше облечен при влегувањето во светилиштето, и таму да ги остави,

24 и да го измие телото свое со вода на свето место, да ги облече своите алишта, па, штом ќе излезе, да принесе една сепаленица за себеси и една за сиот народ, и ќе се очисти себеси и сиот народ.

25 Лојот пак од жртвата за грев да го запали врз жртвеникот.

26 А оној, кој ќе го одведе козелот за отпуштање, да ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода, и потоа може да влезе во населбата.

27 А телето за грев и козелот за грев, чија крв се внесува во светилиштето за очистување, да ги изнесат надвор од населбата, и да ги изгорат на оган ко­жи­те нивни, месото нивно и нечистотиите нивни;

28 оној, пак, што ќе ги пали, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода, и тогаш ќе може да влезе во населбата.

29 И тоа да ви биде вечен закон: во седмиот месец, на десетиот ден од месецот, смирувајте ги душите ваши, и никакава работа да не вршите, ни вие, нити придојдените, населени меѓу вас,

30 зашто во тој ден ве очистуваат, за да ве очистат од сите ваши гревови, и да бидете чисти пред лицето Господово;

31 тоа да биде сабота над саботите; смирувајте ги душите ваши – тоа ќе биде вечен закон.

32 Очистувањето да го извршува оној свештеник кој ќе биде помазан и пос­ветен да свештенодејствува место татко си: нека облекува ленена облека, облека света;

33 и да ги очисти Светињата над светињите и скинијата на собранието, и жртвеникот да го очисти, и свеште­ни­ците, и сиот собран народ.

34 Ова да биде за вас вечен закон: да се извршува обредот очистување над сино­вите израелски еднаш годишно поради сите нивни гревови.“ И тој направи та­ка, како што му заповеда Господ на Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy