Online Bible

- Reklamy -

Левитска 15 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


За телесната нечистота кај мажот

1 И им рече Господ на Мојсеј и на Арон, велејќи:

2 „Известете ги синовите израелски и кажете им: ако некој маж има течење од крајната своја плот, нечист е поради тоа течење.

3 А ова е за неговата нечистота: кога течењето истечува од неговото тело, и кога изливот се задржува во неговото тело, тоа е негова нечистота во него самиот.

4 Секоја постела, на која ќе легне оној кој има истечување, нечиста е; и секој предмет, на кој ќе седне, нечист е.

5 И кој ќе се допре до неговата пос­тела, да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода и ќе биде нечист до вечерта.

6 А и кој ќе седне на некој предмет, на кој седел оној кој има истечување, да ги испере алиштата свои и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта.

7 И кој се допре до телото на оној кој има истечување, да ја испере облеката своја и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта.

8 Ако оној, кој има истечување, плук­не на чист, тогаш тој да ги испере алиш­тата свои и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта;

9 и секое седло, на кое седел оној кој има истечување, нечисто е;

10 и секој кој ќе се допре до што и да било, што било под него, нечист ќе биде до вечерта; и оној кој ќе го крене тоа, да ја испере облеката своја и да се измие со вода и ќе биде нечист до вечерта.

11 И секој, до кого што ќе се допре оној кој има истечување, без да си ги измие рацете свои, да ги испере алиштата свои и да се измие со вода и нечист ќе биде до вечерта.

12 Глинен, пак, сад до кој ќе се допре оној кој има истечување, да се скрши; а секој дрвен сад да се измие со вода.

13 А кога оној, кој има истечување се излекува од своето течење, нека си определи седум дена за очистување свое, да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со изворска вода, па ќе биде чист;

14 а на осмиот ден да земе две грлици или два млади гулаба, и да ги донесе пред Господ кај влезот од скинијата на собранието, и да му ги даде на свеш­теникот.

15 А свештеникот едната од тие птици ќе ја принесе како жртва за грев, а другата – за сепаленица; и ќе го очисти свештеникот од течењето негово пред лицето Господово.

16 Ако на некој маж му се случи истечување на семе, тогаш тој треба да го измие со вода целото свое тело и ќе биде нечист до вечерта;

17 секоја облека или кожа, на која ќе се излее семе, треба да се испере со вода и ќе биде нечиста до вечерта.

18 Ако жена легне со маж, и на мажот му се случи истечување на семе, тие и обајцата треба да се измијат со вода и ќе бидат нечисти до вечерта.


Телесна нечистота кај жената

19 Кога жена има истечување на крв, што тече од нејзиното тело, треба да биде одделена седум дена додека се очисти, и секој што ќе се допре до неа, ќе биде нечист до вечерта.

20 И сѐ, на што ќе легне таа, додека трае очистувањето нејзино, нечисто е; и сѐ, на што ќе седне таа, пак е нечисто.

21 И секој што ќе се допре до постелата нејзина, треба да ја испере облеката своја и да го измие со вода телото свое, и ќе биде нечист до вечерта.

22 А и секој, што ќе се допре до каков и да било предмет на кој таа седела, треба да ја испере облеката своја и да го измие со вода телото свое, и ќе биде нечист до вечерта.

23 И ако некој се допре до што и да било што е на постелата нејзина, или на што и да е, на што седела таа, нечист да биде до вечерта.

24 А ако со неа легне некој маж, нечистотата нејзина ќе мине на него: ќе биде нечист седум дена, и секоја пос­тела на која ќе легне тој, ќе биде не­чиста.

25 Ако некоја жена има истечување на крв повеќе денови, но не во времето на нејзиното природно очистување, и ако таа има истечување подолго од нејзиното обично чистење, сѐ додека трае нечистотата нејзина, нечиста е како за време на чистењето свое.

26 Секоја постела, на која ќе легне таа во деновите на течењето нејзино, да биде нечиста како и постелата за време на нејзиното чистење; и сѐ она, на што ќе седне таа, да биде нечисто, како што е нечисто тоа во времето на нејзиното чистење.

27 И секој кој ќе се допре до неа, да биде нечист, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое и нечист ќе биде до вечерта.

28 А кога жена ќе се исчисти од те­чењето свое, да изброи седум дена и потоа ќе биде чиста.

29 Во осмиот ден да земе две грлици или два млади гулаба и да му ги однесе на свештеникот кај влезот од скинијата на собранието;

30 а свештеникот да принесе една од птиците како жртва за грев, а другата – за сепаленица, и ќе ја направи чиста све­ш­теникот пред Господ поради исте­чувањето на нечистотијата нејзина.

31 Така пазете ги синовите на Израел од нивната нечистота, за да не умрат во нечистотијата своја, и да го осквернат Моето живеалиште, што е меѓу нив.

32 Тоа е законот за оној што има тече­ње, и за оној што ќе му се случи да има истечување на семе, бидејќи тоа го пра­ви нечист;

33 а и за онаа што страда поради чис­тењето свое, и за оние кои имаат ис­течување, маж или жена, и за маж што ќе преспие со нечиста.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy