Online Bible

- Reklamy -

Левитска 10 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Прописи во врска со жалост

1 Двајцата синови Аронови, Надав и Авиу, земајќи ја секој својата кадилница, ставија оган во нив, па ставија во нив и кадиво, и принесоа пред Господ туѓ оган, иако тоа не им беше заповедал Господ.

2 Тогаш излезе оган од Господ, и ги изгоре, и умреа пред Господ.

3 И му рече Мојсеј на Арон: „Тоа е она што го рече Господ, велејќи, преку оние што ќе пристапуваат кон Мене ќе се осветам и пред целиот народ ќе се прославам.“ Арон, пак, молчеше.

4 Потоа Мојсеј ги повика Мисаил и Елцафан, синовите на Узиил, чичкото на Арон, и им рече: „Појдете и изнесете ги браќата ваши од светилиштево надвор од логоров.“

5 И тие пристапија и ги изнесоа во хитоните нивни надвор од логорот, како што рече Мојсеј.

6 Па му рече Мојсеј на Арон и на Елеазар и на Итамар, другите негови синови: „Не откривајте ги вашите гла­ви, а и одеждите ваши да не ги раскину­вате, за да не умрете и Господ да не се разгневи на целиот народ; туку браќата ваши, целиот дом Израелов нека плаче за изгорените, кои Господ ги изгоре;

7 и не излегувајте од дверите на ски­нијата на собранието, за да не загинете, зашто маслото за помазание на вас е од Господ.“ И направија според зборовите на Мојсеј.


Прописи во врска со алкохолни пијалаци

8 И Господ му рече на Арон, велејќи:

9 „Вино и други алкохолни пијалаци да не пиете, ти и синовите твои, кога ќе влегувате во скинијата на собранието, за да не загинете, тоа нека ви биде вечен закон во поколенијата ваши:

10 за да можете да распознавате што е свето, а што не е; и што е чисто, а што не;

11 учете ги синовите Израелови на си­те заповеди, што им ги кажа Господ преку Мојсеј.“


Прописи во врска со месото од жртвите

12 Потоа Мојсеј му рече на Арон, и на Елеазар и на Итамар, другите негови синови: „Земајте од лебниот принос што ќе преостане од приносите пред Господ и јадете го тоа кај жртвеникот, зашто тоа е најголема светиња.

13 И јадете го тоа на свето место, бидејќи тоа е законски дел твој и законски дел на синовите твои од приносите пред Господ; зашто така ми е запо­ведано.

14 А градите од жртвата што се ни­шаат и плешката што се принесува да ги јадете на чисто место, ти и ќерките твои, и домот твој со тебе, зашто со закон ти се даде тебе и на синовите твои дел од жртвите за мир, што ги принесуваат синовите на Израел.

15 Плешката што се принесува и градите што се нишаат да се донесуваат заедно со лојот што се принесува, ни­шајќи ги пред Господ, и тоа да биде твое, и на децата твои, со тебе како вечен дел како што заповеда Господ.“

16 Потоа Мојсеј го побара козелот за жртва поради грев; но, тој веќе беше изгорен; затоа тој се разгневи на Елеазар и на Итамар, синовите Аро­нови и рече:

17 „Зошто не јадевте на свето место? Бидејќи тоа е жртва поради грев што е најголема светиња; неа ви ја дава Господ вам да ја јадете, за да го ослободи целиот народ од грев и да стане чист пред Господ;

18 и ете крвта нејзина не е внесена во светилиштето; а требаше да ја јадете на свето место, како што ви заповедав.“

19 Тогаш му рече Арон на Мојсеј: „Еве, тие денес принесоа жртва поради својот грев и жртва сепаленица пред Господ; и ми се случи ова. Ако јадам денес од жртвата за грев, ќе Му биде ли тоа угодно на Господ?“

20 Го чу тоа Мојсеј и го одобри.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy