Јован 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Исус исцелува слепороден човек 1 Кога одеше, виде еден човек, слеп од раѓање. 2 Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?“ 3 Исус им одговори: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него. 4 Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; зашто настапува ноќ кога не ќе може никој да работи. 5 Додека сум во светот, Јас сум Светлина на светот.“ 6 Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, 7 и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам!“, што значи: „Испратен.“ Тој отиде, се изми и дојде гледајќи. 8 А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и питаше?“ 9 Едни велеа: „Тој е“, а други: „Личи на него.“ Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.“ 10 Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?“ 11 Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.“ 12 Пак го прашаа: „Каде е Тој?“ Тој рече: „Не знам.“ Фарисеите го испитуваат исцелувањето 13 Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп. 14 А беше сабота кога направи Исус кал и му ги отвори очите. 15 Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?“ Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите, се измив и сега гледам.“ 16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој човек, штом не ја уважува саботата.“ Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чуда?“ И настана расправија меѓу нив. 17 Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за оној што ти ги отвори очите?“ А тој рече: „Пророк е!“ 18 Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал додека не ги повикаа родителите на оној што прогледа, 19 и ги прашаа: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?“ 20 Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син и дека се роди слеп; 21 но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!“ 22 Ова го рекоа неговите родители, бидејќи се плашеа од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос. 23 Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“ 24 Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“ 25 А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.“ 26 Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ 27 Тој им одговори: „Јас веќе ви реков и не чувте; зошто сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“ 28 А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици! 29 Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“ 30 Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите! 31 Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. 32 Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. 33 И ако Тој не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.“ 34 Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор. Духовно слепило 35 Исус чу дека го истерале, па го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“ 36 Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?“ 37 Исус му рече: „Си Го видел, токму Оној е кој зборува со тебе!“ 38 А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони. 39 И рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.“ 40 Го чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: „Зар и ние сме слепи?“ 41 Исус им рече: „Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа и гревот ви останува.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society