Online Bible

- Reklamy -

Јован 7 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус и Неговите браќа

1 Потоа одеше Исус по Галилеја, не сакаше да оди во Јудеја, зашто Јудејците сакаа да Го убијат.

2 Се приближуваше, пак, јудејскиот празник Сеници.

3 Тогаш браќата Негови Му рекоа: „Излези одовде и оди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.

4 Зашто никој не прави нешто тајно кога сака да се прочуе. Ако Ти ги вр­шиш овие работи, тогаш покажи се пред светот!“

5 Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.

6 А на тоа Исус им одговори: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш погодно.

7 Светов вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши.

8 Вие отидете на овој празник; Јас не­ма да излезам на празникот, зашто вре­мето Мое сѐ уште не се исполнило.“

9 Откако го рече тоа, остана во Га­ли­леја.


Исус на празникот

10 Но, штом отидоа браќата Негови, и Тој отиде на празникот, но не јавно, ту­ку скришум.

11 А Јудејците Го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“

12 И многу расправии имаше меѓу на­родот за Него; едни зборуваа: „Добар е“, а други велеа: „Не, туку го заблудува народот!“

13 Но никој не зборуваше за Него от­ворено, поради страв од Јудејците.

14 А на средината од празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.

15 И се чудеа Јудејците, велејќи: „Ка­ко ги познава Овој Книгите, кога не учел?“

16 Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати;

17 и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам.

18 Кој говори самиот од себе, тој си ба­ра своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда.

19 Зар не ви го даде Мојсеј Законот? Но никој од вас не го исполнува Зако­нот. Зошто сакате да Ме убиете?“

20 Народот одговори и рече: „Демонот е во тебе? Кој сака да Те убие?“

21 Одговори Исус и им рече: „Едно де­ло извршив и сите се чудите.

22 Мојсеј ви го даде обрезанието, не затоа што тоа е од Мојсеј, туку од тат­ковците – и вие во саботен ден обрезува­те човек.

23 Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек на­правив здрав во сабота?

24 Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“

25 Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не ли е Овој што Го бараат да Го убијат?

26 Ете, јавно говори и ништо не Му ве­лат. Да не се увериле и началниците дека е Тој навистина Христос?

27 Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос никој не ќе знае од ка­де е.“

28 Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку Тој што ме прати е Вистинитиот; Него вие не Го познавате.

29 Јас, пак, Го знам, зашто сум од Не­го и Тој Ме прати.“

30 Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.

31 И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда от­кол­ку што направи Овој?“

32 Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвеш­те­ниците испратија слуги да го фатат.

33 Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној Кој Ме прати.

34 Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе мо­жете да дојдете.“

35 А Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при раселените меѓу Елините, па и Елините да ги поучува?

36 Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете‘; и ‚Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дој­де­те?‘“


Изворот на жива вода

37 А во последниот голем ден од праз­никот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие!

38 Кој верува во Мене од неговата ут­роба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.“

39 А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Не­го; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.

40 А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина Овој е пророк!“

41 Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос?

42 Не е ли речено во Писмото дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“

43 И така настана меѓу народот раздор за Него.

44 А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.

45 Дојдоа, пак, слугите кај прво­свеш­тениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“

46 А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Чо­век.“

47 Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие?

48 Поверувал ли некој од властите и фарисеите во Него?

49 Но, овој народ, што не го знае За­ко­нот, е проклет.“

50 Никодим, пак, кој беше отишол кај Него ноќе, а беше еден од нив, им рече:

51 „Осудува ли нашиот Закон човек додека најнапред не го сослушаат и не дознаат што прави?“

52 А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе ви­диш дека пророк од Галилеја не се јавува!“

53 И секој си отиде во својот дом.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy