Online Bible

- Reklamy -

Јован 6 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус нахранува над пет илјади луѓе
( Мт 14,13-21 ; Мк 6,30-44 ; Лк 9,10-17 )

1 Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското Море, на­ре­чено Тиверијадско.

2 И по него одеше многу народ, зашто ги гледаа чудата Негови што ги вр­шеше над болните.

3 А Исус отиде во гората и таму се­де­ше со учениците Свои.

4 И наближуваше јудејскиот празник Пасха.

5 Исус, пак, откако ги подигна очите, ви­де дека кон Него иде многу народ му рече на Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“

6 А тоа го рече за да го искуша, зашто Сам знаеше што ќе направи.

7 Филип Му одговори: „Не ќе им биде доволно леб за двесте денарии, па да до­бие секој од нив по малку!“

8 Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече:

9 „Овде се наоѓа едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?“

10 Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.

11 Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на оние што поседнаа; исто така и од рибите, кој колку сака­ше.

12 А кога се наситија, им рече на уче­ниците Свои: „Соберете ги останатите парчиња за да не се загуби ништо!“

13 И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошници пар­чи­ња, што им преостанаа на оние што ја­деа.

14 Луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот!“

15 Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогла­сат за цар, се повлече Сам во гората.


Исус оди по морето
( Мт 14,22-33 ; Мк 6,45-52 )

16 А приквечер, учениците Негови слегоа до морето,

17 влегоа во кораб и тргнаа преку мо­рето кон Капернаум.

18 Морето, пак, се подигаше, зашто дуваше силен ветар.

19 И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исус ка­ко оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија.

20 Но Тој им рече: „Јас сум, не пла­ше­те се!“

21 Тие сакаа да Го примат во коработ и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа.


Народот Го бара Исус

22 Утредента наутро народот, што стоеше од другата страна на морето, за­бележа дека таму немаше друг кораб, освен еден, во кој влегоа учениците Не­гови, и дека Исус не влезе во коработ со учениците Свои, а тие сами заминаа.

23 И други кораби дојдоа од Ти­ве­ри­ја­да, близу до она место каде што беа јале леб, по благословувањето Господово.

24 И кога видоа луѓето дека Исус не беше таму, ниту учениците Негови, влегоа сами во кораби и дојдоа во Ка­пернаум да Го бараат Исус.


Лебот на животот

25 И штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде овде?“

26 А Исус им одговори и рече: „Вис­ти­на, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте.

27 Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот и која ќе ви ја даде Синот Чо­веч­ки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот.“

28 А тие Му рекоа: „Што да правиме за да извршуваме Божји дела?“

29 Исус им одговори и рече: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого Го испрати Тој.“

30 А тие Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш?

31 Татковците наши јадеа мана во пус­тината, како што е напишано: ‚Леб од небото им даде да јадат.‘“

32 Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не ви даде Мојсеј леб од не­бото, туку Мојот Отец ви дава вистински леб од небото.

33 Зашто лебот Божји е Оној, Кој сле­гува од небото и му дава живот на светот.“

34 Тогаш тие Му рекоа: „Господи, да­вај ни го секогаш тој леб!“

35 А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.

36 Но ви реков: вие и Ме видовте и пак не верувате.

37 Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде кај Мене; а кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор;

38 зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати.

39 А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не за­губам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден.

40 Волјата на Оној што Ме прати е: се­кој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, а Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“

41 Се разгневија против Него Јудеј­ци­те, зашто рече: „Јас сум лебот што сле­зе од небото“,

42 и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јо­сифовиот син, Чиј татко и мајка ги познававме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“

43 Им одговори Исус и рече: „Не мр­морете меѓу себе.

44 Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме пра­ти; и Јас ќе го воскреснам во последни­от ден.

45 Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене.

46 Но тоа не значи дека некој Го видел Бога, освен Оној Кој е од Бога; само Тој го видел Отецот.

47 Вистина, вистина ви велам: Кој ве­рува во Мене има вечен живот.

48 Јас сум лебот на животот.

49 Татковците ваши јадеа мана во пус­тината и умреа;

50 а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре.

51 Јас сум живиот леб што слезе од не­бото; кој јаде од овој леб, ќе живее веч­но; а лебот што ќе го дадам Јас, е Мо­ето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“

52 Јудејците пак почнаа да се препира­ат меѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?“

53 А Исус им рече: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Не­гова, не ќе имате живот во себе.

54 Кој го јаде Моето тело и ја пие Мо­јата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.

55 Зашто Моето тело е вистинска хра­на, и Мојата крв – вистинска напивка.

56 Кој јаде од Моето тело и пие од Мо­јата крв, ќе биде во Мене и Јас во него.

57 Како што Ме прати живиот Отец и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Ме­не.

58 Ова е лебот што слезе од небото, а не како татковците ваши што јадеа ма­на и изумреа; кој јаде од овој леб, ќе жи­вее довека.“

59 Ова го кажа Исус во синагогата, ко­га поучуваше во Капернаум.


Зборови на вечен живот

60 Тогаш мнозина од учениците Не­го­ви, кои слушаа, рекоа: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша!?“

61 А Исус, знаејќи во Себе дека учениците Негови се бунат против тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува?

62 А што ако Го видите Синот Чо­веч­ки како се вознесува горе, каде што бил порано?

63 Духот е тој што оживува; телото ништо не помага. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.

64 Но има меѓу вас и некои што не ве­руваат.“ Исус знаеше од почеток кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе го предаде.

65 И рече: „Затоа ви зборувам дека ни­кој не може да дојде кај Мене, ако не му биде дадено од Мојот Отец.“

66 Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него.

67 Тогаш им рече Исус на дванаесет­те: „Да не сакате и вие да си отидете?“

68 А Симон Петар Му одговори: „Гос­поди, кај кого ќе отидеме? Ти имаш збо­рови за вечен живот,

69 и ние поверувавме и познавме дека си Божјиот Светител (Христос, Син на живиот Бог).“

70 Исус им одговори: „Не ли ве избрав дванаесетмина? Но еден од вас е ѓа­вол.“

71 А зборуваше за Јуда Симонов Иска­риот, зашто тој, како еден од дванаесет­те, сакаше да Го предаде.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy