Јован 20 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Празниот Исусов гроб ( Мт 28,1-8 ; Мк 16,1-8 ; Лк 24,1-12 ) 1 Во првиот ден од седмицата Марија Магдалена дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен. 2 Тогаш отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господ од гробот и не знам каде Го положиле.“ 3 Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот. 4 И обајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и прв дојде до гробот. 5 И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе. 6 По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои; 7 а крпата, што Му беше на главата негова, не стоеше кај повојот, туку одделно, свиткана на едно место. 8 Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува, 9 зашто уште не го знаеја Писмото дека Тој треба да воскресне од мртвите. 10 Тогаш учениците се вратија дома. Исус ѝ се јавува на Марија Магдалена ( Мк 16,9-11 ) 11 А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот; 12 и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово. 13 Тие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?“ Им одговори: „Го кренале Господ мој и не знам каде Го положиле!“ 14 Штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исус како стои; но не знаеше дека е Исус. 15 Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“ 16 Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“ 17 И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“ 18 Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господ и дека тоа ѝ рекол. Исус им се јавува на Своите ученици ( Мт 28,16-20 ; Мк 16,14-18 ; Лк 24,36-49 ) 19 А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“ 20 И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа. 21 А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“ 22 И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети! 23 На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“ Исус и неверниот Тома 24 А Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. 25 Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“ 26 А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана меѓу нив и рече: „Мир вам!“ 27 Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, туку поверувај!“ 28 Одговори Тома и Му рече: „Господ мој и Бог мој!“ 29 Исус му рече: „Тома, ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.“ Целта на оваа книга 30 И многу други чуда изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга. 31 А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society