Online Bible

- Reklamy -

Јован 18 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Исус е приведен
( Мт 26,47-56 ; Мк 14,43-50 ; Лк 22,47-53 )

1 И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку пото­кот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови.

2 А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.

3 Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје.

4 А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“

5 Му одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде.

6 А кога им рече: „Јас сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.

7 Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“

8 Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“

9 за да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“

10 А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на прво­свеш­те­никот и му го отсече десното уво. Име­то на слугата му беше Малх.

11 Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја ис­пијам чашата што Ми ја даде Отецот?“


Исус пред Ана
( Мт 26,57-58 ; Мк 14,53-54 ; Лк 22,54 )

12 Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа.

13 И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.

14 А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.


Петровото одрекување
( Мт 27,1-2 . 11-14 ; Мк 15,1-5 ; Лк 23,1-5 )

15 По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот.

16 А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, изле­зе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар.

17 Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“

18 А слугите и стражарите беа за­па­ли­ле оган и стоеја, па се грееја, зашто бе­ше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше.


Исусовото сослушување
( Мт 26,59-66 ; Мк 14,55-64 ; Лк 22,66-71 )

19 Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Не­го­вото учење.

20 Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.

21 Зошто Ме прашуваш Мене? Пра­шај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“

22 Кога Тој го рече тоа, еден од слу­ги­те, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“

23 Исус му одговори: „Ако реков неш­то лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“

24 Тогаш Ана Го прати врзан кај прво­свештеникот Кајафа.


Петар повторно се одрекува
( Мт 26,71-75 ; Мк 14,69-72 ; Лк 22,58-62 )

25 А Симон Петар стоеше и се гре­еше. И му рекоа: „Да не си и ти од уче­ниците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“

26 Еден од слугите на прво­свеш­те­ни­кот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“

27 А Петар пак порекна; и веднаш за­пеа петел.


Исус пред Пилат
( Мт 27,1-2 ; 11,14 ; Мк 15,1-5 ; Лк 23,1-5 )

28 И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата.

29 Тогаш излезе Пилат пред нив и ре­че: „За што Го обвинувате Овој Човек?“

30 Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“

31 А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Ју­деј­ците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“,

32 за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.

33 Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“

34 Исус му одговори: „Сам ли го збо­руваш тоа или други ти кажаа за Ме­не?“

35 Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“

36 Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“

37 А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“


Исус е осуден на смрт
( Мт 27,15-31 ; Мк 15,6-20 ; Лк 23,13-15 )

38 Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам ни­каква вина во Него.

39 Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуш­там Царот Јудејски?“

40 И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy