Јов 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)1 „Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? На кого од светиите мислиш да му се обратиш? 2 Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот. 3 Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна. 4 Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити. 5 Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; алчните ќе го голтнат имотот негов. 6 Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од почвата; 7 човекот се раѓа, за да страда, како и искрите – за да летаат угоре. 8 Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил. 9 Тој создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број, 10 ѝ дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата; 11 понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува. 12 Тој го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуваат започнатото. 13 Тој ги фаќа мудрите во стапицата на нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува; 14 Среде бел ден запаѓаат во темнина; напладне одат со пипање, како ноќе. 15 Тој го спасува сиромавиот од меч, а слабиот и од раката на силниот. 16 И за слабиот има надеж, и неправдата ја затвора устата своја. 17 Блажен е човекот кого Бог го опоменува. Затоа не отфрлувај ги поуките на Седржителот, 18 зашто Тој нанесува рани и Самиот ги преврзува; Тој поразува, и со Свои раце лекува. 19 Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне. 20 Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна – од острината на мечот. 21 Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето кога ќе дојде. 22 На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш; 23 зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе. 24 Ќе дознаеш дека куќата ти е во безопасност, ќе си го гледаш живеалиштето и нема да згрешиш. 25 Ќе видиш дека семето ти е многубројно, а челадта твоја е како трева на земјата. 26 Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја. 27 Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society