Јов 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Второ искушение на Јов 1 Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓаволот да застане пред Господ. 2 И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде дојде?“ Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Одев по земјата и ја обиколив.“ 3 Тогаш му рече Господ на ѓаволот: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и сѐ уште цврсто се држи во својата непорочност; а ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.“ 4 Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: „Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде сѐ што има; 5 но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, – ќе Те благослови ли и тогаш?“ 6 И му рече Господ на ѓаволот: „Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја.“ 7 Си отиде ѓаволот од лицето Господово и го порази Јов со лута рана – од стапалките на нозете негови до самото теме негово. 8 И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на ѓубриштето. 9 И му рече неговата жена: „Ти сѐ уште си цврст во непорочноста своја. Проколни Го Бога и умри!“ 10 Но тој ѝ рече: „Говориш како безумна. Зар доброто да го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?“ – Во сето тоа Јов не згреши со устата своја. Доаѓање на тројцата пријатели на Јов 11 Слушнаа тројцата пријатели Јовови за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Теман, Вилдад од Шуах и Софар од Ноема; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат. 12 И кога ги кренаа очите оддалеку, тие не го познаа; па викнаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои. 13 И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа дека страдањето му беше многу големо. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society