Јоил 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Господ ќе им суди на народите 1 Зашто, ете, во оние денови и во тоа исто време, кога ќе ги вратам прогонетите од Јуда и од Ерусалим, 2 тогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јошафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство – Израел, кого го растурија меѓу народите и земјата Моја ја разделија. 3 За народот Мој фрлија ждрепка и даваа момче за блудница, и продаваа девојче за вино, и пиеја. 4 Па што барате од Мене вие, Тире и Сидоне, и сите краеви филистејски? Сакате ли да Ми се одмаздите за нешто? Ако Ми се одмаздувате Мене, за миг ќе ја свртам одмаздата ваша врз вашите глави, 5 бидејќи вие го зедовте среброто Мое и златото Мое и Моите највредни драгоцености и ги внесовте во вашите безбожнички светилишта; 6 а синовите на Јуда и на Ерусалим им ги продававте на потомците Јаванови, за да ги избркате од нивните предели. 7 Еве, Јас ќе ги кренам од она место, каде што ги продадовте, и ќе го свртам вашето злосторство врз главите ваши. 8 И ќе ги продадам синовите ваши и ќерките ваши во рацете на синовите Јудини, и тие ќе им ги продадат на Савејците, народ далечен. Така вели Господ. Суд во Долината на одлуката 9 Кажете го ова меѓу народите, пригответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници. 10 Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја; и слабиот нека вели: јунак сум. 11 Побрзајте, вие околни народи, и соберете се. Господи, доведи ги јунаците Свои! 12 Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јошафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на сите околни народи. 13 Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, зашто нивното зло е големо. 14 Мноштво, мноштво во Долината на одлуката! Зашто близу е денот Господов во Долината на одлуката. 15 Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај. 16 И ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израелови. Господ ќе го благослови Својот народ 17 Тогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора; и ќе стане Ерусалим светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него. 18 И, ете, во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, од сите долини јудејски ќе потече вода, а од домот Господов ќе се појави извор, и ќе ја напојува долината Ситим. 19 Египет ќе стане пустина и Едом ќе стане пустина, бидејќи тие ги измачуваа синовите Јудини и проливаа невина крв во земјата нивна. 20 А Јудеја ќе биде населена вечно, и Ерусалим – од род во род. 21 Јас ќе ја одмаздам крвта нивна, за која уште не сум се одмаздил, и Господ ќе живее на Сион. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society