Јоил 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Скакулци и непријателски војски 1 Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, зашто доаѓа денот Господов, близу е 2 денот на темнина и мрак, денот облачен и црн: како зората се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род. 3 Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата како Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустина, и за никого нема да има спас. 4 Изгледаат како коњи, галопираат како коњаници, 5 скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како шум од огнен пламен, кој гори слама – како силен народ построен за борба. 6 Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им побледат. 7 Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да отстапува од патот свој. 8 И нема да се притискаат еден со друг, туку секој се држи до својот пат; незапирливо се пробиваат меѓу стрелите. 9 Ќе навалат на градот, ќе се искачуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во куќите, ќе влегуваат и низ прозорците како крадци. 10 Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и месечината ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја изгубат светлината своја. 11 И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и многубројни се оние што ќе ја извршуваат волјата Негова; зашто голем е денот Господов и многу е страшен, и кој ќе истрпи? Позив од Господ 12 Но и уште сега вели Господ: вратете се кај Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. 13 Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува. 14 Кој знае дали нема да се смили и дали ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господ, вашиот Бог? 15 Затрубете со труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир. 16 Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старешините, соберете ги децата и доенчињата; нека излезе младоженецот од свадбената соба и невестата од својата одаја. 17 Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господ и нека молат: „Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?“ Господ ќе ја благослови земјата 18 Тогаш Господ стана љубоморен за земјата Своја, па му се смилува и на народот Свој. 19 Тогаш одговори Господ и му рече на народот Свој: „Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и масло, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на срам пред народите. 20 И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пуста земја – претходницата – во источното море, а позадината – во западното море, и ќе се почувствува неговиот гнилеж, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој беше направил големо зло. 21 Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто Господ изврши големи дела. 22 Не плашете се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустината ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе дадат изобилен род. 23 А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано. 24 И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со масло. Господ ќе го избави Својот народ 25 И ќе ви надоместам за оние години, кога испојадоа сѐ скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас. 26 Во изобилство ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господ, вашиот Бог, Кој со вас постапи на чудесен начин, така што Мојот народ нема да се посрами довека. 27 И ќе познаете дека Јас сум среде Израел и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society