Јаков 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Предупредување до богатите 1 Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас. 2 Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. 3 Златото ваше и среброто ви за'рѓаа, и 'рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за последните дни. 4 Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. 5 Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање. 6 Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше. Трпение и молитва 7 Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен. 8 Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи. 9 Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата. 10 Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово. 11 Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него. 12 А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете под суд! 13 А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фали Господа! 14 Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат и да извршат помазание над него со елеј во името Господово. 15 И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат. 16 Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот. 17 Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. 18 И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод. Поврати ги отклонетите 19 Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и ако некој друг го поврати, 20 тој нека знае дека оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society