Јаков 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Против неслогата 1 Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши? 2 Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не се молите. 3 Просите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите похоти. 4 Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли дека пријателството со овој свет е непријателство на Бога? Зашто, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога. 5 Или, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: „Со ревност го љуби духот што го вселил во нас.“ 6 Но Тој дава поголема благодат; затоа е речено: „Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“ 7 Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. 8 Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани! 9 Бидете нажалени и плачете и липајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага! 10 Понизете се пред Господ и ќе ве подигне! Кој си ти да го судиш ближниот? 11 Не озборувајте се еден со друг, браќа: зашто, кој го озборува братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија. 12 Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и погуби: а ти, кој си што осудуваш друг? Лоша самодоверба 13 Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме“, 14 вие, кои не знаете што ќе стане утре. Што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко време, па исчезнува. 15 Место да велите: „Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа.“ 16 А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е зла. 17 И така, грев е за оној кој знае да прави добро, а не го прави. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society