Исход 7 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)1 И Господ му рече на Мојсеј: „Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог на фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк. 2 Ти ќе зборуваш сѐ, што ќе ти заповедам, а Арон, пак, братот твој, ќе му зборува на фараонот да ги пушти синовите на Израел од земјата своја. 3 Но Јас ќе го ожесточам срцето на фараонот, и ќе ги умножам знаците Мои и чудата Мои во египетската земја. 4 Фараонот сепак нема да ве послуша. Но Јас ќе ја ставам раката Своја над Египет и со силата Моја ќе го изведам воинството Мое, народот Мој, синовите на Израел, од земјата египетска со страшни осуди. 5 И ќе познаат сите Египќани дека Јас сум Господ, кога ќе ја протегнам раката Своја над Египет и кога ќе ги изведам синовите на Израел од нивната средина.“ 6 И направија така Мојсеј и Арон: како што им заповеда Господ, така направија. 7 Мојсеј имаше осумдесет години, а Арон – осумдесет и три години кога зборуваа со фараонот. Фараонот одбива да ги послуша Мојсеј и Арон 8 И Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи: 9 „Ако фараонот ви каже: ‚Направете некакво чудо‘, тогаш кажи му на Арон: ‚Земи го стапот твој и фрли го пред фараонот и тој ќе стане змија.‘“ 10 Потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот и направија така, како што им заповеда Господ. И го фрли Арон стапот свој пред фараонот и пред слугите негови, и тој стана змија. 11 Тогаш фараонот ги повика мудреците и волшебниците; и тие го направија истото со своите волшебништва. 12 И секој од нив го фрли својот стап и тие станаа змии; меѓутоа стапот Аронов ги проголта нивните стапови. 13 Но срцето фараоново се стврдна и не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. Прва казна: водата се претвора во крв 14 И Господ му рече на Мојсеј: „Тврдо е срцето фараоново; и нема да го пушти народот. 15 Појди утре кај фараонот. И ете, тој ќе излезе до водата, и пресретни го на речниот брег; стапот, пак, што се претвори во змија, земи го во раката своја. 16 И речи му: Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе да ти кажам: ‚Пушти го народот Мој за да ми изврши служба во пустината!‘ Но ти, ете, досега не Го послуша. 17 Затоа Господ вели: ‚По ова ќе познаеш дека Јас сум Господ.‘ Еве, со стапов, што ми е во раката; ќе удрам по водата, што е во реката, и таа ќе стане крв. 18 И рибите што се во реката ќе изумрат, и реката ќе се усмрди, а Египќаните не ќе можат да пијат вода од реката.“ 19 Му рече Господ на Мојсеј – „Кажи му на Арон: ‚Земи го стапот свој и пружи ја раката своја над водите египетски: над реките нивни, над потоците нивни, и над езерата нивни, и над сите нивни собиралишта на води; и тие ќе се претворат во крв. И сѐ ќе стане крв по целата египетска земја, и во дрвените и во камените садови.‘“ 20 И направија Мојсеј и Арон така, како што заповеда Господ. И го зеде Арон стапот свој, па удри по речната вода пред очите на фараонот и слугите негови. И сета речна вода се претвори во крв. 21 И изумреа рибите, што беа во реката, и се усмрди реката, така што Египќаните не можеа да пијат вода од реката; и крв имаше по целата египетска земја. 22 Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање. И срцето на фараонот се ожесточи и тој не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. 23 Потоа се сврте фараонот и си отиде дома; и ни од тоа не се поучи тој. 24 А Египќаните, сите, почнаа да копаат околу реката, барајќи вода за пиење; зашто не можеа да пијат вода од реката. 25 И така изминаа седум дена, откако Господ ја казни реката. Втора казна: страдање од жаби 26 Потоа Господ пак му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, и речи му – вака вели Господ: ‚Пушти го народот Мој, да Ми изврши служба.‘ 27 А ако не се согласиш да го пуштиш, еве, Јас ќе ја казнам целата земја твоја со жаби; 28 и реката ќе се исполни со многу жаби, и тие ќе излезат и ќе влезат кај тебе дома, и во твојата спална, и во постелата твоја, и во куќите на слугите твои и народот твој, и во печките твои, и во ноќвите твои. 29 Врз тебе ќе скокаат жаби и врз народот твој и врз слугите твои.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society