Online Bible

- Reklamy -

Исход 39 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Одежди за свештениците: ефодот

1 А од сина, пурпурна и црвена волна направија одежди за служ­ба во светилиштето; му направија и свештени одежди на Арон, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

2 Направија ефод од злато, од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен;

3 исковаа листови од злато, и исекоа нишки, за да ги вткаат вешто меѓу си­ните, пурпурните, црвените и во лене­ни­те нишки;

4 му направија и нарамници што се врзуваат: тие се врзуваат со него на двата негови краја.

5 И појасот на ефодот, од неговата горна страна, беше ист како и тој: од злато, од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

6 И изрезаа и камења од оникс, и ги обрабија со злато, и ги впишаа на нив имињата на синовите Израелови, како што се прават печати;

7 па ги ставија на нарамниците од ефодот, за спомен на синовите Израело­ви, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.


Наградникот

8 Направија и наградник, вешто изра­ботен, од иста материја како и ефодот: од злато, од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен;

9 тој беше: четириаголен, двоен, педа долг, и педа широк; двоен го направија наградникот.

10 И наредија на него четири реда ка­ме­ња: во првиот ред: рубин, топаз и смарагд;

11 во вториот ред: антракс, сафир и ел­маз;

12 во третиот ред: опал, ахат и аме­тист;

13 во четвртиот ред: хризолит, оникс и јаспис; и тие беа опковани и обвиени во злато.

14 Камењата беа според бројот на имињата на синовите Израелови: тие беа дванаесет, според бројот на нивните имиња, и на секој од нив беше изрежано како на печат по едно име, за дванаесетте племиња.

15 И направија за наградникот вериш­ки виени, плетени од чисто злато;

16 направија и две копченца златни и две алчиња златни, и ги ставија двете алчиња на двата краја од наградникот;

17 па ги закачија двете златни вериш­ки за двете алчиња на краевите од наградникот,

18 а другите два краја од двете веришки ги закачија за двете копченца и ги прицврстија на нарамниците од ефодот од предната страна.

19 Направија уште две златни алчиња, и ги ставија на двата краја од наградникот, на внатрешниот раб, свртен спре­ма ефодот:

20 направија уште две златни алчиња, ги ставија на двата нарамника од ефодот, на неговиот преден крај одоздола, каде што се составува ефодот над појасот;

21 и така го врзаа наградникот со алчињата негови за алчињата од ефодот со сина врвка, плетена, за да стои одозгора над појасот од ефодот и да не се одделува наградникот од ефо­дот, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.


Другите свештени одежди

22 А за ефодот направија и наметка, од сина ткаенина,

23 и прорез по средината на наметката, како отвор на оклоп, а околу прорезот ширит шиен, за да не се реси.

24 По полите на наметката одоздола направија топченца од сина, пурпурна и црвена волна и пресукан лен.

25 А направија и ѕвончиња од чисто злато, и ги закачија ѕвончињата на полите од наметката наоколу, меѓу топчињата:

26 ѕвонче и топченце, ѕвонче и топ­ченце наоколу по полите на наметката, за служба, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

27 Потоа направија хитони од ткаен лен за Арон и за синовите негови;

28 и кидар од лен и митра од лен, и долна облека од пресукан лен,

29 и појас од пресукан лен од сина, пурпурна и црвена волна – везена работа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

30 И направија плочка, дијадема на светоста, од чисто злато, и издлабија на неа писмо, како што се реже печат „Светиња Господова.“

31 И врзаа за неа сина врвка, за да се врзува на кидарот одозгора, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.


Предавање на завршените работи на Мојсеј

32 И така се сврши целата работа око­лу скинијата. И направија синовите из­ра­елски сѐ како што му беше заповедал Господ на Мојсеј, така направија.

33 И ја донесоа кај Мојсеј скинијата, покривката и сиот нејзин прибор: кукичките, штиците, лостовите, столбовите и подножјата.

34 И покривката од црвени, овнешки кожи, и покривката од сини кожи и завесата за засолнување,

35 ковчегот на заветот со лостовите, и чистилиштето,

36 трпезата со сите нејзини принадлежности, и лебот за принос,

37 светилникот од чисто злато со не­говите кандилца, кандилцата веќе наредени, и сиот прибор негов, и масло за светење,

38 златниот жртвеник, и маслото за помазание, кадиво мирисно, и завесата за влезот во скинијата,

39 жртвеникот од бакар и решетката од бакар за него, лостовите негови и сите принадлежности негови, мијалникот и подножјето негово,

40 завесите за дворот, столбовите за нив и подножјата нивни, и завесата за влезот во дворот, јажињата и колчи­њата, и сите работи потребни за служба во скинијата.

41 Одеждите богослужбени за служе­ње во светилиштето, свештените одеж­ди за свештеникот Арон и одеж­дите за синовите негови, за свеште­ничка служ­ба.

42 Како што му беше заповедал Гос­под на Мојсеј, така ги направија си­новите на Израел сите тие работи.

43 И ги погледа Мојсеј сите тие ра­боти, и ете, тие ги беа направиле: како што беше заповедал Господ, така ги беа направиле. И ги благослови Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy