Исход 38 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Жртвеникот и бакарниот мијалник 1 И направи од дрвото шитим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок; 2 а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар. 3 И го направи сиот прибор за жртвеникот: котлите, лопатчињата, потирите, вилушките и кадилниците; сиот прибор го направи од бакар. 4 А на жртвеникот му направи решетка од бакар како мрежа, од дното па до средината, наоколу; 5 и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење. 6 А лостовите ги направи од дрвото шитим и ги опкова со бакар. 7 Па ги провлече лостовите низ алките од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен однатре. 8 Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата. Завесите на дворот 9 И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од пресукан лен, по сто лакти долги; 10 дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и обрачите нивни беа од сребро. 11 Така и од северната страна – завеси од сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и обрачите нивни од сребро. 12 А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја – десет; кукичките за столбовите и обрачите нивни од сребро; 13 и од источната страна, завеси од педесет лакти. 14 За едната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив; 15 и за другата страна завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив – три. 16 Сите завеси на дворот наоколу беа од пресукан лен, 17 а подножјата на столбовите – од бакар, кукичките за столбовите и обрачите на нив – од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребрени обрачи поврзани. 18 А завесата на вратата од дворот – везена – од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен, долга дваесет лакти, а во висина по целата ширина пет лакти, како и другите завеси во дворот; 19 и четири столба за неа, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, врвовите нивни посребрени, а и обрачите нивни беа од сребро. 20 Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар. Изработките за скинијата 21 Ете, тоа се изработките за скинијата на собранието, направени по заповедта на Мојсеј од левитите, а под надзор на свештеникот Итамар, син на Арон. 22 А сѐ она како што му заповеда Господ на Мојсеј, го направи Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино. 23 И со него Охолијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на сина, пурпурна и црвена и ленена ткаенина. 24 Сето злато, што беше употребено за сиот прибор на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет кикари и седумстотини и триесет шекели, свештени шекели; 25 а среброто преброено од дародавците – сто кикари и илјада седумстотини седумдесет и пет шекели, свештени шекели. 26 По половина шекел од човек, пресметано според свештениот шекел, од секој што доаѓа на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три илјади петстотини и педесет души. 27 Сто кикари сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиштето и подножјата за завесите; сто подножја од сто кикари, по кикар на подножје; 28 а од илјада седумстотини седумдесет и петте шекели тој направи кукички за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и обрачи за нив. 29 А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет кикари, и две илјади и четиристотини шекели; 30 и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сиот прибор за жртвеникот; 31 подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society