Online Bible

- Reklamy -

Исход 36 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)

1 И започнаа да работат Веселеил и Охолијав и сите способни луѓе, на кои Господ им беше дал мудрост и знаење да разбираат и да работат се­какви работи, потребни за светилиш­тето, сѐ како што беше заповедал Господ.

2 И ги повика Мојсеј Веселеил и Охолијав и сите мудри луѓе, на кои Бог им дал разум во срцето, и сите, кои од срце сакаа да се зафатат за дела што треба да се свршат.

3 И тие ги зедоа од Мојсеј сите дарови што ги беа принеле синовите израелски за потребите на светилиштето за да се работи. А тие ги примаа уште и принесуваните дарови од оние што носеа секое утро.

4 Тогаш дојдоа сите вешти луѓе, што вршеа работи за светилиштето, секој според својата работа, кој каква што работел,

5 па му рекоа на Мојсеј: „Народот при­несува повеќе отколку што е по­требно за да се направи, она што заповеда Господ.“

6 И Мојсеј разгласи во таборот, ве­лејќи: „Ни маж ни жена да не принесува ништо повеќе како дар за свети­лиштето.“ И народот престана да принесува,

7 зашто имаше доста принесено за се­какви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше.


Скинијата

8 Тогаш сите вешти луѓе, кои се обврзаа да ја направат скинијата, при­готвија десет платништа од пресукан лен и од сина, пурпурна и црвена волна и на нив направија уметнички извезени херувими.

9 Должината на секое платниште из­не­суваше дваесет и осум лакти, а ширината четири лакти; сите платништа беа со иста мерка.

10 И Веселеил ги состави петте платништа едно со друго, и другите пет платништа ги состави едно со друго.

11 И направи сини петлици по ра­бовите на едното платниште, каде што ќе се соединува со другото; такви направи тој и на работ од последното платниште, за да го соедини со другото.

12 Педесет петлици направи на едното платниште, каде што се соединува со другото; петлиците беа една спрема друга.

13 И направи педесет златни кукички и со кукичките состави едно платниште со друго. Така скинијата стана една целина.

14 Потоа направи платништа од козина за покривање на скинијата; единаесет такви платништа направи:

15 едно платниште беше долго триесет лакти, а широко четири лакти; една мер­ка беа сите единаесет платништа.

16 Па ги состави петте платништа одделно, а шесте платништа одделно.

17 И направи педесет петлици по работ од крајното платниште, каде што се соединува со другото, и педесет петлици направи по работ на другото платниште, за да се соединува со другото;

18 а направи и педесет кукички од бакар, за да се состави покривот, та да стане целина.

19 Потоа направи покрив за скинијата од овнешки кожи, црвени, а над неа друга – од сини кожи.

20 И направи штици за скинијата од дрвото шитим, што ќе стојат испра­вени;

21 секоја штица од по десет лакти долга, а лакот и половина широка;

22 секоја штица имаше по два клина, еден спроти друг; така направи тој на секоја штица од скинијата.

23 А вакви штици за скинијата направи дваесет за јужната страна:

24 и направи четириесет подножја среб­рени за под дваесетте штици, по две подножја под секоја штица за двата клина нејзини, и по две подножја под другата штица за двата нејзини клина.

25 И за другата страна на скинијата, спрема север, направи дваесет штици,

26 и четириесет сребрени подножја: две подножја под едната штица и две подножја под другата штица.

27 А за задната страна на скинијата, кон запад, направи шест диреци;

28 направи уште две штици за аглите на скинијата од задната страна;

29 тие беа составени одоздола и одозгора со една алка; така направи тој со обете страни на двата агла;

30 и така имаше осум штици и шеснаесет подножја сребрени, по две подножја под секоја штица.

31 Потоа направи напречници од дрвото шитим: пет за штиците од едната страна на скинијата,

32 и пет напречници за штиците од другата страна на скинијата, и пет напречници за штиците од задната страна на скинијата.

33 А направи и внатрешна напречница што ќе иде преку средината на штиците од едниот до другиот крај;

34 диреците ги опкова со злато, а и алките, низ кои беа провлечени напреч­ниците, ги направи од злато, па и на­пречниците ги опкова со злато.

35 Потоа направи завеса од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен и на неа направи херувими, уметнички извезени;

36 за неа направи и четири столба од дрвото шитим, и ги опкова со злато; и златни кукички за столбовите и им излеа четири подножја од сребро.

37 Направи потоа завеса за влезот во скинијата од сина, пурпурна и црвена волна и од пресукан лен, уметничка изработка,

38 и пет столбови за неа со кукичките нивни; врвовите на столбовите и нивните прстени ги обложи со злато, и направи пет подножја од бакар.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy