Online Bible

- Reklamy -

Исход 35 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Градење на скинијата Саботата – ден за одмор

1 Потоа го собра Мојсеј целото општество на синовите израелски, и им рече: „Еве што заповеда Господ да правите:

2 шест дена да се работи, а седмиот ден да ви биде одмор, зашто е света сабота, починка на Господ; секој што ќе работи во тој ден, со смрт да се казни;

3 во саботен ден да не палите оган нигде во живеалиштата ваши.“


Израелците ги приложуваат своите приноси

4 И уште му рече Мојсеј на целото општество на народот израелски: „Еве што заповеда Господ:

5 соберете помеѓу вас принос на Господ, секој што од срце дава, нека донесе принос, доброволно нека принесе принос на Господ: злато, сребро и бакар,

6 сина, пурпурна и црвена волна, лен и козина;

7 и овнешки кожи, црвени, сини кожи и дрво шитим;

8 масло за светилникот, и мириси за маслото за помазание и мирисното кадиво;

9 и камења од оникс, и камења за украсување на ефодот и за наградникот.

10 И сите, кои се меѓу вас мудри по разум, нека дојдат да направат сѐ што заповедал Господ:

11 Скинијата, платништата и покривот нејзин, кукичките нејзини и штиците, напречниците нејзини, столбовите неј­зини и подножјата нејзини;

12 и ковчегот на заветот, со своите лостови, и чистилиштето, и завесата за преграда.

13 Трпезата и лостовите нејзини, и сиот прибор нејзин и лебовите за принос;

14 светилникот за осветление со приборот негов и кадилата негови, и маслото за осветление;

15 и кадилниот жртвеник, и лостовите негови, и маслото за помазание, и миризбите за кадење, и завесата на вратата од скинијата;

16 жртвеникот за сепаленици, и неговите бакарни решетки, лостовите негови и сиот негов прибор, и мијалникот и подножјето негово.

17 Завесите за дворот, столбовите не­гови и подножјата нивни, и завесата од вратата на дворот;

18 коловите за скинијата, и коловите за дворот со јажињата нивни;

19 одеждите службени за служба во светилиштето, и светите одежди на свештеникот Арон, и одеждите на синовите негови за свештеничка служба.“

20 Потоа целото општество на синови­те израелски се повлече од Мојсеј.

21 И доаѓаа сите кои срцето ги влечеше и душата ги поттикнуваше; доаѓаа, носејќи принос на Господ – приноси за уредување на скинијата, за сите нејзини потреби и за светите одежди;

22 доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, и принесуваа ве­риш­ки, обетки, прстени и гривни и се­какви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господ;

23 и секој, кој имаше сина, пурпурна и црвена волна и лен, овнешки кожи, црвени, и сини кожи, ги принесуваа;

24 и секој, кој донесуваше сребро или бакар, Му Го принесуваше како дар на Господ; и кој имаше дрво шитим, го принесуваше за секоја потреба.

25 А секоја жена, мудра и вешта, предеше со своите раце и принесуваше сѐ што ќе испреде – преѓа сина, пурпурна и црвена и лен;

26 секоја пак, жена, која сакаше, а и можеше да преде, предеше козина.

27 А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефо­дот и на наградникот;

28 исто така и аромати, масло за ос­вет­ление и масло за маслото за пома­зание и миризби за кадење!

29 И така синовите израелски – сите мажи и сите жени, кои сакаа да принесат што и да е за делото, што заповеда Господ преку Мојсеј да се направи, принесоа доброволен дар на Господ.


Веселеил и Охолијав започнуваат со работа

30 Тогаш им рече Мојсеј на синовите израелски: „Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.“

31 И го исполни со Божји Дух, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност;

32 да изработува планови, и да прави работи од злато, сребро и бакар;

33 да реже камења, да реже и обработува дрво, и да прави секакви уметнички работи;

34 а вложи во неговото срце и во срцето на Охолијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, и способност да можат да учат и други.

35 Ги обдари со умешност да вршат секаква работа, на ковач, уметник и везач на сина, пурпурна и црвена и ленена ткаенина и ткајачи, кои прават секакви работи и изработуваат уметнички планови.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy