Online Bible

- Reklamy -

Исход 33 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Бог му заповеда на Мојсеј да тргнат

1 И Господ му рече на Мојсеј: „Крени се оттука ти и народот, кого го изведе од земјата египетска и оди во земјата, за која им се заколнав на Авраам, Исак и Јаков, велејќи: на потомството ваше ќе му ја дадам;

2 и ќе испратам пред тебе ангел, и ќе ги изгонам Хананците, Аморејците, Хитијците, Перизијците, Евејците и Јевусијците:

3 и ќе те воведам во земјата, каде што тече мед и млеко; Самиот нема да одам со вас, за да не ве погубам по патот, бидејќи вие сте тврдоглав народ.“

4 А народот кога го чу тој страшен збор, се расплака, и никој не го кладе на себе накитот свој.

5 Зашто Господ му беше рекол на Мојсеј: „Кажи им на синовите израел­ски: вие сте тврдоглав народ; само за миг да се симнам помеѓу вас, ќе ве ис­тре­бам; а сега симнете го од себе накитот свој, а Јас ќе ви покажам што ќе на­правам со вас.“

6 И ги извадија накитите од себе синовите израелски на планината Хорив.


Скинијата на собранието

7 А Мојсеј го зеде шаторот свој, и го распна надвор од логорот, и се нарече скинија на собранието; и секој што Го бараше Господа, доаѓаше во скинијата на собранието, која се наоѓаше надвор од логорот.

8 И кога Мојсеј тргнуваше кон скинијата, сиот народ стоеше на вратата од својот шатор, и гледаше по Мојсеј, до­дека не влезе во скинијата.

9 А кога Мојсеј влегуваше во скинијата, се спушташе столб од облак и се задржуваше пред вратата на скинијата, додека Господ зборуваше со Мојсеј.

10 И сиот народ го гледаше столбот од облак, кој стоеше пред вратата на ски­нијата; и сиот народ стануваше, и секој се поклонуваше пред влезот на својот шатор.

11 И тогаш Господ зборуваше со Мој­сеј лице в лице, како што човек збо­рува со пријателот свој. Потоа Мојсеј се вра­ќаше во логорот, додека неговиот по­мош­ник, младиот Исус, синот Навинов, не излегуваше од скинијата.


Господ разговара со Мојсеј

12 И Мојсеј му рече на Господ: „Ете, Ти ми велиш: ‚води го тој народ‘, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‚Јас те знам по име и ти најде милост пред Мене.‘

13 Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откриј ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да видам дека овие луѓе се Твој народ.“

14 И му рече: „Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.“

15 А тој му рече: „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нѐ одовде,

16 зашто, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И по тоа ќе се разликуваме и народот Твој од сите други народи што се на земјата.“

17 И Господ му рече на Мојсеј: „Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам многу добро.“

18 Пак рече: „Покажи ми ја славата Своја.“

19 Му одговори: „Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава, и ќе Го изговорам името Господово пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, и кој е за утешение – ќе го утешам.“

20 И потоа рече: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.“

21 И пак рече Господ: „Ене место кај Мене, застани на онаа карпа!

22 А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам;

23 а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш откај грбот, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy