Исход 10 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Осма казна: страдање од скакулци 1 Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие мои знаци врз нив; 2 па да му раскажувам на синот твој и на внукот твој што сторив во Египет, како и за знаците Мои, што ги покажав во него, за да знаете дека Јас сум Господ.“ 3 И отидоа Мојсеј и Арон кај фараонот и му рекоа: „Еве што вели Господ, Бог на Евреите: ‚До кога ќе одбиваш да Ми се покориш? Пушти го народот Мој да Ми изврши служба! 4 Зашто, ако не го пуштиш народот Мој, еве, утре Јас ќе пратам скакулци во земјата твоја. 5 И тие ќе ја покријат површината на земјата, така што не ќе се гледа копно; и ќе го изедат остатокот, што не го уништи градот; ќе ги изедат и сите дрвја, што ви растат по полето. 6 И ќе ги наполнат куќите твои, куќите на слугите твои и куќите на сите Египќани – такво нешто не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сѐ до денес.‘“ И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од фараонот. 7 Тогаш слугите му рекоа на фараонот: „До кога овој ќе нѐ измачува? Пушти ги луѓето и нека Му извршат служба на Господ, нивниот Бог. Не гледаш ли дека Египет пропаѓа?“ 8 И ги вратија Мојсеј и Арон пред фараонот, и им рече фараонот: „Одете, послужете Му на Господ, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?“ 9 Мојсеј одговори: „Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господ.“ 10 И им рече фараонот: „Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто со децата ваши? Ете, лоша замисла имате! 11 Не така, туку одете само мажите и извршете Му служба на Господ, зашто тоа самите го баравте.“ И ги истераа откај фараонот. 12 Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Протегни ја раката своја над земјата египетска и ќе излезат скакулци по земјата египетска, и ќе ја изедат сета трева по земјата, и сѐ што останало неудрено од градот.“ 13 И го крена Мојсеј стапот свој над египетската земја и наведе Господ источен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, источниот ветар довеа скакулци. 14 И ги навеа нив над целата египетска земја, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш. 15 И ја покрија површината на земјата, така што земјата не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата, неудрен од градот, а не остана ништо зелено ниту по дрвјата, ниту по тревата полска во целата египетска земја. 16 Тогаш фараонот брзо ги повика Мојсеј и Арон и рече: „Згрешив пред Господ, вашиот Бог, и пред вас. 17 Но уште овојпат простете ми го гревот мој, и помолете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт.“ 18 И излезе Мојсеј откај фараонот и Му се помоли на Господ. 19 И сврте Господ многу силен ветар од запад и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвеното Море; и не остана ниту еден скакулец во целата египетска земја. 20 Но Господ го ожесточи срцето на фараонот и тој не ги пушти синовите на Израел. Деветта казна: мрак 21 И Господ му рече на Мојсеј: „Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе настане темнина по египетската земја, толку густа што не ќе може да се допира.“ 22 И Мојсеј ја подигна раката своја кон небото, и настана густа темнина по целата египетска земја, која потраја цели три дена. 23 Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не се поместуваше од местото свое три дена. Но по местата, каде што живееја синовите израелски, имаше виделина. 24 Тогаш фараонот го повика Мојсеј, и му рече: „Одете, извршете Му служба на Господ; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а децата ваши нека одат со вас.“ 25 Но Мојсеј рече: „Не, зашто ти треба да нѐ снабдиш со приноси и жртви сепаленици, што ќе ги принесеме на Господ, нашиот Бог. 26 Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ниту едно грло; зашто од него ќе земеме жртва за Господ, нашиот Бог; но, додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господ.“ 27 И Господ пак го отврдна срцето на фараонот и тој не сакаше да ги пушти. 28 И фараонот му рече: „Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш.“ 29 А Мојсеј рече: „Како што рече, така и ќе биде; нема повеќе да ти го видам лицето.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society