Online Bible

- Reklamy -

Евреите 10 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Силата на жртвата Христова

1 Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не суш­тината на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат.

2 Инаку би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не ќе имаат веќе никаква свест за гревовите.

3 Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите,

4 бидејќи не е можно телешката и ја­решката крв да ги однесе гревовите.

5 Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви.

6 Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“

7 Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“

8 Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“,

9 а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто.

10 Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш.

11 И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати ед­ни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите;

12 а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,

13 и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат поло­же­ни како подножје за нозете Негови.

14 Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совр­шени.

15 И Светиот Дух ни посведочи, зашто, откако порано рече:

16 „Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој до­дава:

17 „И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“

18 А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев.


Да Му пристапиме на Бога

19 И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат,

20 што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело,

21 имаме Врховен свештеник над до­мот Божји.

22 Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскува­ње и откако ќе го измиеме телото со чиста вода.

23 И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал.

24 И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,

25 не изостанувајќи од собранијата ка­ко што некои имаат обичај, туку да се по­учуваме еден друг, и тоа во толку по­веќе, до колку гледате дека се прибли­жува судниот ден.

26 Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,

27 туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците.

28 Ако оној што го прекршил Мој­се­евиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт,

29 тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го по­га­зил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го по­хулил Духот на благодатта?

30 Зашто ние Го знаеме Оној што ре­кол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“

31 Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

32 Потсетувајте се на вашите пора­нешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во стра­дањата,

33 било затоа што бевте изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои исто така стра­даа,

34 зашто и на оковите мои се со­жа­лив­те и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.

35 И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда.

36 Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Бож­ја, да го добиете ветеното;

37 зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да за­доц­ни.

38 А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува.“

39 Ние, пак, не сме од оние што от­ста­пуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy