Online Bible

- Reklamy -

Естира 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Гозбата кај царот Ксеркс

1 Тоа беше за време на владеењето на Ксеркс, – оној Ксеркс кој царуваше над сто дваесет и седум области од Индија до Етиопија, –

2 во тоа време, кога царот Ксеркс седеше на својот царски престол што е во престолнината Суза,

3 во третата година на своето царување, тој приреди гозба за сите свои кнезови и слуги, за главните војводи на персиската и на мидиската војска и на своите обласни управници,

4 покажувајќи ги во текот на цели сто и осумдесет дена големото богатство на царството свое и големиот сјај на своето величие.

5 Откако завршија тие денови, царот приреди за народот свој, кој се наоѓаше во Суза, од најголем до најмал, седум­дневна гозба во тремот на градината на царскиот дворец.

6 Бели памучни и виолетови волнени завеси, прицврстени со ленени и пурпурни врвци, за сребрени алки, висеа на мермерните столбови. Има­ше златни и сребрени легла послани на подот, од зелен, бел, жолт и црвен мермер.

7 Напивките се служеа во златни разнообразни чаши; а царско вино има­ше во изобилие, според богатството на царот.

8 Пиењето беше слободно: без при­силување, бидејќи царот им беше запо­ведал на сите свои управници на домот да постапуваат според волјата на секој.

9 И царицата Астина исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Ксеркс.


Неволјата на царицата Астина

10 На седмиот ден, кога срцето на ца­рот се развесели од виното, тој им рече на Мехуман, Бизета, Харвона, Бигета, Авагета, Зетар и Каркас – седум евнуси, што служеа пред царот Ксеркс,

11 да ја доведат царицата Астина пред царевото лице со царски венец за да им ја покаже нејзината убавина на народите и на кнезовите, зашто таа беше многу убава.

12 Но царицата Астина не сакаше да дојде според царевата наредба, соопштена преку евнусите.

13 Царот многу се разгневи, и јароста пламна во него. И им рече царот на мудреците, кои ги познаваа поранеш­ните времиња, зашто царски­те дела се разгледуваа пред сите што знаеја закон и правда,

14 а негови најблиски тогаш беа: Каршена, Ситар, Адмата, Тарсис, Ме­рес, Марсена, Мемухан – седум перси­ски и мидиски кнезови, кои седеа до ца­рот на прво место:

15 „Како да постапиме според за­конот со царицата Астина, поради тоа што не го исполни зборот на царот Ксеркс, соопштен преку дворјаните.“

16 Тогаш рече Мемухан пред лицето на царот и на кнезовите: „Не само пред царот е виновна царицата Астина, туку и пред сите кнезови и началници цар­ски;

17 зашто постапките на царицата ќе ги дознаат сите жени и ќе почнат да ги запоставуваат мажите свои и да говорат: ‚царот Ксеркс заповедал да ја доведат пред него царицата Асти­на, но таа не отишла.‘

18 Сега персиските и мидиските кне­гињи, кои ќе чујат за постапката на царицата, ќе им го кажат тоа на сите царски кнезови; и ќе има горделивост, а и големи караници.

19 Ако му е на царот угодно, нека издаде царска заповед што ќе се запише во персиските и мидиските закони и да не се менува: дека Астина нема да излегува веќе пред лицето на царот Ксеркс, а нејзиното царско достоинство царот да го предаде на друга, подобра од неа.

20 Кога ќе чујат за таа царска заповед, која ќе се разнесе по целото негово царство, колку и да е големо, сите жени ќе ги почитуваат мажите свои, од најголем до најмал.“

21 Тие зборови му се допаднаа на царот и на кнезовите: и царот пос­тапи според зборовите на Мемухан;

22 па испрати до сите царски об­ласти писма, напишани за секоја област со писмото нејзино и на секој народ на јазикот негов: секој маж да биде господар на домот свој, и тоа да му се објави на секого на неговиот роден јазик.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy