Даниел 8 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Видението на овенот и козелот 1 Во третата година од царувањето на царот Валтазар, јас Даниел, имав второ видение по оние што ми се беа јавиле порано. 2 И видов во видението, и кога гледав, јас бев во Суза, престолнината на Еламската област, и видов во видението како да бев покрај реката Улај. 3 Ги кренав очите и видов: а таму покрај реката стои еден овен: тој имаше два рога, обата високи, но едниот беше повисок од другиот и повисокиот израсна подоцна. 4 Видов како тој овен бодеше кон запад, кон север и кон југ и ниеден ѕвер не можеше да устои против него, и никој не можеше да се избави од него; тој вршеше што сакаше и се осили. 5 Со внимание го гледав тоа и ете, од запад идеше еден козел, со таква брзина што не го допираше тлото; и тој козел имаше силен рог меѓу очите свои. 6 Се впушти врз оној овен што имаше рог и кога го видов како стои крај реката, тој се фрли врз него со силна јарост. 7 И видов кога тој се приближи до овенот, свирепо се фрли на него и му ги скрши двата рога; и на овенот не му стигаа силите да устои против него, па затоа го кутна на земја и го згази, и немаше никој овенот да го избави од него. 8 Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири, свртени спрема четирите страни на светот. 9 И од едниот од нив излезе мал рог, кој нарасна многу спрема југ и спрема исток и спрема Ветената Земја, 10 па се издигна до небесната војска, собори на земјата дел од таа војска и од ѕвездите и ги смачка; 11 се издигна дури и до Водачот на таа војска, ги запре секојдневните жртви и го урна местото на Неговата светиња; 12 и народот беше предаден заедно со секојдневните жртви поради бесчестието; а тој, откако ја собори вистината на земјата, дејствуваше и успеваше. 13 И чув како еден ангел прашуваше друг, велејќи: „До кога ќе трае тоа од видението за секојдневната жртва и за бесчесното опустошување, што ги пази светилиштето и војската небесна?“ 14 Другиот му рече: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти.“ 15 И кога јас, Даниел, го гледав тоа видение и замолив за неговото значење, ете пред мене застана некаков лик на човек. 16 И чув од средината на реката Улај човечки глас, кој извика и рече: „Гавриле, објасни му го тоа видение!“ 17 И се приближи тој до местото каде што стоев и кога дојде, јас се уплашив и паднав ничкум; а тој ми рече – знај сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето. 18 И кога зборуваше тој со мене, јас лежев ничкум на земјата во несвест; но тој се допре до мене и ме исправи на моето место, 19 па ми рече: „Еве ти откривам што ќе биде во последните денови на гневот; зашто тоа се однесува на крајот од определеното време. 20 Овенот што го виде – неговите два рога – тоа се мидискиот цар и персискиот. 21 А косестиот козел е царот на Јаван, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тоа е нејзиниот прв цар: 22 Четирите рога што израснаа кога првиот се скрши, тоа се четирите царства што ќе произлезат од тој народ, но нема да ја имаат неговата сила. 23 А кон крајот на царството нивно, кога отстапниците ќе ја исполнат мерката на своите беззаконија, ќе се издигне еден цар бесрамен и искусен во сплеткарење; 24 неговата моќ ќе се зацврсти, иако не со неговата сила; тој ќе врши големи пустошења и ќе успева, ќе дејствува и ќе погубува јунаци и народи на светиите; 25 заради лукавоста негова ќе напредува и сплеткарството во раката негова; во срцето ќе се возгордее и без повод ќе погуби мнозина; тој ќе се крене против Кнезот над кнезовите, но ќе биде победен – не со човечка рака. 26 А и видението за вечерта и утрината за кое ти се рече ќе се исполни, но ти сокри го тоа видение зашто се однесува на далечни времиња.“ 27 Јас, Даниел, истоштен и болен бев неколку дни, потоа станав и почнав да се занимавам со царските работи; се чудев на тоа видение и не го разбирав. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society