Online Bible

- Reklamy -

Даниел 7 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Даниел гледа во сон четири светски царства

1 Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното.

2 Велеше вака: Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра го брануваа Големото Море,

3 и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот.

4 Првиот беше како лав, но со крилја орлови: додека гледав, му ги искубаа крилјата и потоа беше кренат од земјата, се исправи на нозете како човек и му се даде човечко срце.

5 И ете, уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите; нему му беше речено ова: стани и јади многу месо!

6 Потоа видов, пак, уште еден ѕвер, како леопард: на грбот имаше четири крилја од птица, и четири глави имаше тој ѕвер, и му беше дадена власт.

7 Потоа видов од ноќните виденија и ете, четврти ѕвер, страшен и ужасен и многу силен; имаше големи железни заби; тој јадеше и здробуваше, а остатоците ги газеше со нозете; тој се разликуваше од сите претходни ѕверови, и имаше десет рогови.

8 Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали.

9 Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти.

10 Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија.

11 Тогаш видов дека за искажаните горди зборови, што рогот ги говореше, ѕверот беше убиен пред очите мои и телото негово смачкано и предадено на оган за да изгори.

12 И од другите ѕверови власта беше одземена и животот нивни се продолжи само до извесно време и до рок.

13 Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред Него.

14 И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши.

15 Духот мој затрепери во мене, Даниел, во телото мое и виденијата ме вознемирија.

16 Се приближив до еден од оние што стоеја напред и го прашав за вистинското значење на сето тоа, и тој почна да зборува со мене и ми ја објасни смислата на реченото:

17 Овие големи ѕверови, четири на број, означуваат дека четири царства ќе се издигнат од земјата.

18 Потоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него во векови.

19 Тогаш замолив точно објаснување за четвртиот ѕвер што се разликуваше од сите и кој беше многу страшен, со железни заби и бронзени нокти изедуваше и трошеше, а остатоците ги газеше со нозете,

20 и за десетте рогови што беа на неговата глава и за другиот што се појави, пред кој паднаа трите, за оној ист рог, на кој имаше очи и уста што зборуваа горделиво и како да стана поголем од другите.

21 Видов како тој рог водеше борба со светиите и ги надвиваше,

22 додека најпосле не дојде Старецот по определени дни и судот беше даден на светиите од Севишниот, па настапи време светиите да го завладеат царството.

23 Освен тоа тој рече: Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја голтне целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува.

24 А десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара.

25 И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони, па тие ќе бидат предадени во раката негова за време од три и пол години.

26 Потоа небесниот Суд ќе ја одземе од него власта и сосема ќе го уништи и докрајчи,

27 а царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите великодостојници ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему.

28 Тука е крајот на овој извештај. Ме­не, Даниел, силно ме вознемирија раз­мислувањата мои, и лицето ми пребледе, но словото го запазив во срцето свое.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy