Даниел 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Валтазаровата гозба 1 Царот Валтазар приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и заедно со нив пиеше вино. 2 Откако се напи од виното, Валтазар заповеда да се донесат златните и сребрените садови, кои татко му Навуходоносор ги беше зел од Ерусалимскиот храм за да пијат од нив царот, достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови. 3 Тогаш ги донесоа златните садови кои беа земени од светилиштето на домот Божји во Ерусалим и пиеја од нив царот и достоинствениците негови, жените негови и конкубините негови. 4 Пиеја вино и ги славеа боговите златни и сребрени, бакарни и железни, дрвени и камени. 5 Во истиот момент се појавија прсти од човечка рака и пишуваа спроти светилникот на ѕидот од царскиот дворец, и царот ги виде прстите на раката што пишуваше. 6 Тогаш царот пребледе, мислите му се смутија, појасот на бедрата му олабави и колената негови почнаа да се удираат едно со друго. 7 Извика царот силно за да доведат маѓесници, волшебници и гледачи: царот проговори и им рече на мудреците вавилонски: „Оној што ќе го прочита тоа што е напишано и ми објасни што значи, ќе биде облечен во пурпур и околу вратот ќе му биде ставена златна веришка, а во царството мое ќе биде трет достоинственик.“ 8 И влегоа сите мудреци цареви, но никој не можеше да го прочита напишаното и да му го објасни на царот значењето негово. 9 Царот Валтазар се разгневи многу и пребледе уште повеќе, а се смутија и достоинствениците негови. 10 Царицата, пак, ги чу зборовите на царот и на достоинсвениците негови и влезе во собата каде што беше гозбата; проговори царицата и рече – „Царе, да си жив довека, да не те вознемируваат мислите твои и да не пребледува лицето твое. 11 Во царството твое има човек, во кого е духот на Светиот Бог; во деновите на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост како мудроста на боговите и царот Навуходоносор, твојот татко, го постави како управник над јасновидците, волшебниците и гледачите, 12 бидејќи во него, во Даниел, кому царот му го промени името во Валтазар, се најде висок дух, знаење и разум способен да толкува соништа, да толкува загадочни работи и да разјаснува тајни. Затоа нека го повикаат Даниел, и тој ќе го објасни значењето.“ 13 Тогаш го воведоа Даниел кај царот, и царот проговори и му рече на Даниел: „Ти ли си Даниел, еден од заробените синови јудејски, кого мојот татко, царот, те доведе од Јудеја? 14 Сум слушал за тебе дека во тебе има дух Божји и светлина и разум и голема мудрост. 15 Еве, ми ги доведоа мудреците и маѓесниците за да го прочитаат она што е напишано и да ми објаснат што значи тоа; но тие не можеа да ми објаснат. 16 За тебе сум чул дека можеш да го објасниш значењето и да разјаснуваш тајни; па така, ако можеш да го прочиташ она, што е напишано и ми објасниш што значи, ќе бидеш облечен во скерлет и околу вратот твој ќе има златна веришка, а во царството мое ќе бидеш трет достоинственик.“ 17 Тогаш Даниел одговори и му рече на царот: „Даровите нека ти останат тебе, а почестите дај му ги на друг; а напишаното ќе му го прочитам на царот и значењето ќе му го објаснам. 18 Царе, Севишниот Бог беше му дарувал на татко ти Навуходоносор царство, величие, чест и слава. 19 Пред величието што му го беше дал Тој, сите народи, племиња и јазици трепереа и се плашеа – кого сакаше го убиваше и кого сакаше – го оставаше жив; кого сакаше го издигаше, и кого сакаше го понижуваше. 20 А кога срцето негово се возгордеа и духот негов се ожесточи во дрскост, тој беше симнат од царскиот престол и славата му беше одземена, 21 а беше прогонет од луѓето и срцето негово заприлега на ѕверско, и живееше со дивите магариња; го хранеа со трева како вол, а телото негово се наквасуваше од небеската роса, сѐ додека не разбра дека над човечките царства владее Севишниот Бог и поставува над нив, кого сака. 22 А ти сине негов, Валтазаре, не покажа понизност, иако го знаеше сето тоа. 23 Туку се подигна против Небесниот Господ и садовите од Неговиот дом ти ги донесоа, па ти и твоите великодостојници, твоите жени и конкубини пиевте од нив вино и ги славевте боговите сребрени и златни, бакарни и железни, дрвени и камени, кои не гледаат, ни слушаат, ниту разбираат; а Бог, во чии раце е и твојата душа и во Кого се сите твои патишта, ти не Го прослави. 24 Заради тоа и се појавија од Него тие прсти од рака и е напишано ова писмо. 25 А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Парсин. 26 А еве го значењето на зборовите: Мене – го изброи Бог царството твое и му стави крај; 27 Текел – измерен си на кантар и се најде многу лесен; 28 Парсин – царството ти е разделено и дадено им е на Мидијците и Персијците.“ 29 Тогаш по заповед на Валтазар го облекоа Даниел во пурпур и му ставија околу вратот златна веришка, па го прогласи за трет великодостојник во царството. 30 Во истата ноќ Валтазар, царот халдејски, беше убиен. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society