Броеви 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Денот за прослава на Пасхата 1 И му рече Господ на Мојсеј во Синајската Пустина во првиот месец од втората година, откако беа излегле од египетската земја, велејќи: 2 „Нека направат синовите израелски Пасха во определеното за неа време: 3 на четиринаесеттиот ден од тој месец вечерта направете ја во определеното време за неа; според сите прописи пропишани и со сите обреди пропишани за неа направете ја!“ 4 И им рече Мојсеј на синовите израелски да направат Пасха. 5 И направија Пасха во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта, во Синајската Пустина: како што му заповеда Господ на Мојсеј, така и постапија во сѐ синовите на Израел. 6 А имаше луѓе, кои беа нечисти од допир до мртви човечки тела, па не можеа да направат Пасха во оној ден; и дојдоа тие луѓе во оној ден кај Мојсеј и Арон, 7 и му рекоа на Мојсеј: „Ние сме нечисти од допир до мртви човечки тела; зошто не ни дозволуваат и ние да му принесеме принос на Господ во определеното време меѓу синовите израелски?“ 8 И им рече Мојсеј: „Почекајте да чујам, како ќе заповеда Господ за вас.“ 9 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 10 „Кажи им на синовите на Израел: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, и тој нека направи Пасха Господова. 11 Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец вечерта и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки; 12 и да не оставаат од неа за утрешниот ден и коските нејзини да не се кршат; нека ја направат според сите прописи за Пасха. 13 А оној што е чист, а не бил на пат и не направи Пасха, – да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој не Му принесол дар на Господ во определеното време: грев ќе прими врз себе тој човек. 14 Ако при вас живее придојден и тој треба да направи Пасха Господова; според наредбата за Пасха и според обредот за неа тој треба да ја направи; еден закон нека постои за вас – и за придојден, и за тукашен.“ Облак врз светата скинија 15 Во оној ден кога беше поставена скинијата, облак ја покри скинијата на собранието, и од вечерта па до изутрина се гледаше нешто како оган над скинијата. 16 Така стануваше секогаш: облак ја покриваше дење и нешто како оган – ноќе. 17 И штом облакот ќе се кренеше од скинијата, синовите израелски тргнуваа на пат, и на местото, каде што облакот запираше, таму се сместуваа синовите израелски. 18 По заповед на Господ синовите на Израел тргнуваа на пат и по заповед на Господ застануваа: за сето време, додека облакот стоеше над скинијата, стоеја и тие; 19 и ако облакот долго време остануваше над скинијата, синовите израелски го набљудуваа тој Господов знак и не тргнуваа. 20 Понекогаш, пак, облакот малку време остануваше над скинијата: според знакот Господов тие се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат. 21 Понекогаш облакот стоеше само од вечерта до утрината, и наутро облакот се креваше, тогаш и тие тргнуваа; или облакот стоеше и дење и ноќе, и кога ќе се кренеше, тогаш и тие тргнуваа; 22 или ако два дена, или цел месец, или подолго време облакот остануваше над скинијата, тогаш и синовите израелски стоеја и не тргнуваа на пат; а кога ќе се издигнеше, тогаш тргнуваа. 23 На знакот Господов се запираа и според знакот Господов тргнуваа на пат; го следеа знакот Господов според заповедта на Господ, дадена преку Мојсеј. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society