Online Bible

- Reklamy -

Броеви 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Отстранување на нечистите

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Заповедај им на синовите израел­ски да ги истераат надвор од населбата сите лепрозни, и сите што имаат капа­вица, и сите што се оскверниле од мр­товец;

3 и мажите и жените истерајте ги, на­двор од населбата истерајте ги, за да не ги осквернуваат домовите свои, меѓу кои и Јас живеам.“

4 Така и направија синовите на Из­раел – ги истераа надвор од населбата: како што му рече Господ на Мојсеј, така и направија синовите израелски.


Отштета во случај на престап

5 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

6 „Кажи им на синовите израелски: ако маж или жена направи кој и да било грев против човек и со тоа изврши престап против Господ, виновна е таа душа.

7 Нека го исповеда направениот грев и да го врати она, за што е виновен, и да додаде кон тоа уште една петина и да му го даде на оној, против кого згрешил.

8 Ако тој човек нема наследник, кому би требало да му се врати за вината, тогаш да му го посвети тоа на Господ: нека биде тоа за свештеникот, освен овенот за очистување, преку кој ќе го очисти.

9 И секој принос од сѐ што ќе се осветува за синовите израелски, а ќе го донесуваат за Господ при свештеникот, нему му припаѓа;

10 и посветеното, од кого и да е, нему му припаѓа; и, ако некој му даде нешто на свештеникот, нему му припаѓа.“


Закон за жена осомничена во неверство

11 И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

12 „Зборувај со синовите на Израел и кажи им: ако некого го изневери же­ната и ја презре верноста кон него,

13 или ако некој преспие со неа и излее семе, и тоа се прикрие од очите на мажот нејзин, или ако скрие дека се осквернила тајно, а против неа нема сведок, таа нема да биде разобличена;

14 а него го обземе љубоморен дух, и почне да љубомори на жена си, кога таа е осквернета, или го обземе љубоморен дух, и тој почне да љубомори на жена си, кога таа не е осквернета, –

15 тогаш мажот нека ја доведе жената кај свештеникот и да принесе дар за неа една десетина од ефа јачмено брашно, но да не го полива со масло и да не става на него темјан, зашто тоа е жртва за љубомора, жртва за спомен што наспомнува за беззаконие.

16 А свештеникот нека ја доведе же­ната и нека ја исправи пред Господ;

17 и да земе тој света вода во глинен сад и прав од сувата земја во скинијата, и да го стави во водата.

18 Потоа свештеникот да ја исправи жената пред Господ, и да ѝ ја открие главата и да го стави врз рацете нејзини приносот за спомен, – а тоа е принос за љубомора, а свештеникот да ја држи во раката горчливата вода, која носи проклетство.

19 И свештеникот да ја заколне и да ѝ рече на жената: ако никој не бил со тебе, и ти не си се осквернила и не си го изневерила својот маж, нема да ти наштети оваа горчлива вода, која носи проклетство.

20 Но, ако си го изневерила својот маж и си се осквернила, и ако некој, освен твојот маж, спиел со тебе, –

21 тогаш свештеникот нека ја заколне жената со клетвата за проклетство и нека ѝ рече: – Да те предаде Господ на проклетството и на клетва во твојот народ, и да даде Господ утробата твоја да се исуши, и стомакот твој да се надуе;

22 и да мине внатре во тебе таа вода што носи проклетство, па стомакот твој да се надуе и утробата твоја да се исуши. – А жената да каже: Амин, амин.

23 И свештеникот да ги напише тие клетви на хартија, а потоа да ги из­брише во горчливата вода;

24 и да ѝ даде на жената да се напие од горчливата вода што носи проклетство, и да влезе во неа водата, и да ја наполни со горчевина.

25 И да го земе свештеникот од рацете на жената лебниот принос за љубомора, и да го издигне тој принос пред Господ, и да го однесе кај жртвеникот.

26 И свештеникот да земе тогаш со рака малку од лебниот принос за спомен, да го изгори на жртвеникот и потоа да ѝ даде на жената да ја испие водата;

27 и откога ќе ја напои со водата, ако е таа нечиста и ако направила престап спрема својот маж, горчливата вода што носи проклетство, ќе навлезе во неа, правејќи ѝ штета и стомакот ќе ѝ се надуе, и утробата нејзина ќе се исуши, и таа жена ќе биде проклета меѓу својот народ.

28 Ако, пак, жената не е осквернета и останала чиста, ќе остане без повреда и ќе се оплодува од семе.

29 Тоа е законот за љубомора: кога жената ќе го изневери својот маж и ќе се оскверни,

30 или кога љубоморен дух ќе го обземе мажот, и тој почне да љубомори на жена си, тогаш тој нека ја исправи жена си пред Господ, и нека го изврши свештеникот над неа сѐ она според овој закон, –

31 и мажот ќе биде чист од грев, а жената ќе го прими врз себе својот грев.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy