Броеви 34 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Границите на земјата хананска 1 Му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Заповедај им на синовите на Израел и кажи им: кога ќе влезете во хананската земја, таа е земјата, која ќе ви се падне во дел – земјата хананска со пределите нејзини: 3 вашата јужна граница ќе започнува од пустината Син, покрај Едом; ќе започнува од крајот на Соленото Море откај исток; 4 потоа вашата граница ќе сврти на југ кон Акравимските возвишенија, минува низ Син, ќе дојде јужно од Кадис-Барнеа, па потоа ќе продолжи кон Хацар-Адар и Ацмон; 5 од Ацмон границата ќе оди кон египетската река и ќе излегува на морето. 6 А западна граница ќе ви биде Големото Море. Тоа ќе ви биде граница откај запад. 7 Откај север, пак, да имате граница: од Големото Море да оди кон планината Ор, 8 од планината Ор да продолжува до Емат, и оттука да свртува кон Цедад; 9 оттаму границата да продолжи кон Зифрон и да скршнува кон Хацар-Енан: тоа да ви биде северната граница. 10 Источната граница означете ја сами од Хацар-Енан до Шефам, 11 од Шефам ќе продолжи кон Ривла, потоа, слегувајќи уште надолу, се допира до источните брегови на Генисаретското Езеро; од источната страна на Ајин; 12 потоа границата ќе оди по реката Јордан и ќе заврши кај Соленото Море. Тоа да ви биде земјата со границите нејзини наоколу.“ 13 Тогаш им заповеда Мојсеј на синовите на Израел и им рече: „Еве ја земјата што ќе ја поделите со ждрепка, која Господ заповеда да им се даде на деветте племиња и на половината од племето, 14 зашто племето на Рувимовите потомци според семејствата нивни, и племето на потомците на Гад според семејствата нивни, и половината од Манасиевото племе, го добија својот дел: 15 двете племиња и половината племе го добија својот дел со ждрепка од оваа страна на Јордан, спроти Ерихон, на исток.“ Список на одговорните за поделба на земјата 16 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 17 „Ова се имињата на мажите што ќе ја поделат таа земја меѓу вас: свештеникот Елеазар, и Исус, Навиновиот син; 18 а за делењето на земјата земете и по еден кнез од секое племе. 19 А еве ги имињата на тие мажи: за Јудиното племе – Халев, синот Јефунеов; 20 за племето на Симеоновите потомци – Самоил, синот Амиудов; 21 за Венијаминовото племе – Елидад, синот Кислонов; 22 за племето на Дановите потомци – кнезот Буки, Јоглиевиот син; 23 за Јосифовите потомци, за племето на Манасиевите потомци – кнезот Ханиил, Ефодовиот син; 24 за коленото на Ефремовите потомци – кнезот Кемуел, синот Шифтанов; 25 за племето на Завулоновите потомци – кнезот Елицафан, синот Парнахов; 26 за племето на Исахаровите потомци – кнезот Палтиел, синот Азанов; 27 за племето на Асировите потомци – кнезот Ахиуд, синот Шеломиев; 28 за племето на Нефталимовите потомци – кнезот Педаел, синот Амиудов.“ 29 Тоа се оние, на кои Господ им заповеда да ги поделат деловите меѓу синовите на Израел во хананската земја. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society