Online Bible

- Reklamy -

Броеви 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Задолженијата на Левиевото колено

1 Ова е родословот Аронов и Мојсеев, во оној ден кога му говореше Господ на Мојсеј на планината Синај.

2 Еве ги имињата на синовите Аро­нови: првенецот Надав, Авиу, Елеазар и Итамар.

3 Тоа се имињата на Ароновите сино­ви, помазани за свештеници, кои тој ги посвети за да свештенодејствуваат.

4 Но Надав и Авиу умреа пред Гос­под, кога донесоа туѓ оган пред Господ во Синајската Пустина, а немаа деца; Елеазар, пак, и Итамар останаа како свештеници кај татко си Арон.

5 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

6 „Доведи го Левиевото племе и пос­тави го при свештеникот Арон, за да му служат;

7 и тие нека му служат на него и на целото општество израелско при скинијата на собранието, извршувајќи ги службите при скинијата;

8 и да ги пазат сите сосуди во скинијата на собранието и да бидат на служба за синовите израелски во врска со сите работи што се вршат околу скинијата.

9 И дај му ги левитите на Арон, и на синовите негови; нека им бидат тие дадени како дар од синовите израелски.

10 А на Арон и синовите негови пора­чај им да се грижат за свештеничката должност; а ако некој надворешен се доближи, да биде убиен.“

11 И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

12 „Ете, Јас ги зедов левитите меѓу си­новите израелски наместо сите првородени од синовите на Израел, што отвораат утроба; левитите ќе бидат Мои,

13 бидејќи сите првородени се Мои; во денот, кога ги убив сите првородени во египетската земја, Јас ги осветив за Себе сите провородени во Израел – од човек до добиток: тие треба да бидат Мои. Јас сум Господ.“


Прво пребројување на Левиевото колено

14 И му рече Господ на Мојсеј во Си­најската Пустина, велејќи:

15 „Преброј ги Левиевите синови спо­ред семејствата нивни и според ро­довите нивни; преброј сѐ од машки пол од еден месец, и нагоре!“

16 И ги преброи Мојсеј според збо­ровите Господови, како што беше за­поведано.

17 Еве ги Левиевите синови според ими­­њата нивни: Гирсон, Каат и Мера­риј.

18 А ова се имињата на Гирсоновите синови според родовите нивни: Ливниј и Семеј.

19 И синовите на Каат според ро­довите нивни: Амрам и Јицхар, Хеврон и Узиил.

20 И синовите на Мерариј според родовите нивни: Махлиј и Мушиј. Тоа се Левиевите родови според семејствата нивни:

21 Од Гирсон произлегува родот Ли­вниев и родот Семеиев: тоа се Гир­соновци.

22 Сите, изброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа седум илјади и петстотини.

23 Родовите на Гирсоновци беа смес­тени зад скинијата, откај запад.

24 Началник на поколението од Гир­соновите синови беше Елјасаф, син Лаелов;

25 на Гирсоновите потомци при скинијата на собранието им е доверено да ги пазат: скинијата и покривот нејзин, завесата при влезот во скинијата на собранието,

26 платништата околу дворот, завесата од влезот во дворот што се околу скинијата и жртвеникот, со јажињата и другите нивни принадлежности.

27 Од Каат произлегува родот Ам­рамов и родот Јицхаров, и родот Хев­ронов и родот Узиилов: тоа се Каа­товците.

28 Според пребројувањето сите од машки пол, од еден месец и нагоре, беа осум илјади и шестотини, кои го чуваа светилиштето.

29 Родовите на Каатовци да се сместат на јужната страна од скинијата;

30 а началникот на племето Каатовци беше Елицафан, синот Узиилов;

31 тие го чуваа ковчегот, трпезата, светилникот, жртвениците, свештените садови што се употребуваат при служ­бата, и завесата со сите нејзини работи.

32 Главен началник на левитите беше Елеазар, син на свештеникот Арон; под негов надзор беа оние кои беа задол­жени да го чуваат светилиштето.

33 Од Мерариј произлегува родот Махлиев и родот Мушиев; тоа се ро­дови Мерариеви;

34 сите преброени од машки пол, од еден месец и нагоре, беа на број шест илјади и двесте;

35 началник на потомците на родот Мерариевци беше Цуриел, син на Ави­хаил; тие да се распоредат на северната страна од скинијата;

36 на Мерариевите синови им беше доверено да ги чуваат штиците од скинијата и пречниците нивни, столбовите и подножјата нивни, сиот прибор, и сите други нејзини принад­лежности,

37 столбовите од дворот наоколу и подножјата нивни, колците нивни и ја­жињата нивни.

38 А од предната страна на скинијата, откај исток, пред скинијата на собранието сместени беа Мојсеј и Арон, и синовите негови, кои наместо синовите Израелови, го пазеа светилиштето; ако, пак, некој друг се доближеше, беше убиван.

39 Сите изброени левити што ги преброија Мојсеј и Арон по заповед на Господ, според родовите нивни, сите од машки пол, од еден месец нагоре, беа дваесет и две илјади.


Откупот на првородените

40 И му рече Господ на Мојсеј: „Преброј ги сите првородени синови израелски од машки пол, од еден месец и нагоре, и преброј ги поименично;

41 и земи ги левитите за Мене, како замена за сите првородени од синовите на Израел, – Јас сум Господ – а до­битокот на левитите место сиот првороден добиток на синовите израелски.“

42 И ги преброи Мојсеј, сите првородени од синовите израелски како што му заповеда Господ;

43 и сите првородени од машки пол, според бројот на имињата, од еден месец и нагоре, беа дваесет и две илјади двесте седумдесет и три.

44 И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

45 „Земи ги левитите место сите првородени од синовите на Израел, и добитокот на левитите, место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас сум Господ.

46 А за откуп на двесте седумдесет и трите првородени синови израелски, со кои се надминува бројот на левитите,

47 земи по пет шекели за човек, спо­ред свештениот шекел земи; по дваесет гери во шекел;

48 и дај му го тоа сребро на Арон и на синовите негови, за откуп на оние што го надминуваат нивниот број.“

49 И го зеде Мојсеј среброто од от­купот за оние што го надминуваат бројот на заменетите со левити.

50 Од првородените израелски синови зеде сребро илјада триста шеесет и пет шекели, според свештениот шекел;

51 и среброто од откупот Мојсеј му го даде на Арон и на синовите негови според зборовите на Господ, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy