Броеви 28 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Повторно за законите по однос на Жртвите Секојдневни жртви 1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Заповедај им на синовите израелски и кажи им: даровите Мои, лебните приноси, жртвите Мои со благопријатен мирис да Ми се принесуваат во свое време. 3 И кажи им: ете ја жртвата, која треба да Му ја принесувате на Господ: јагниња без недостаток – две едногодишни машки јагниња на ден, како жртва-сепаленица; 4 едното јагне принесувај го наутро, а другото јагне навечер; 5 и лебен принос да принесете, една десетина од ефа пченично брашно, помешано со четвртина ин биено маслиново масло, 6 Тоа е постојана жртва-сепаленица, каква што беше принесена на планината Синај, за благопријатен мирис – жртва Господова. 7 И кон неа да има за прелив четврт ин за едно јагне; на свето место извршувај го со вино преливот на Господ. 8 Другото јагне принесувај го навечер, со таков лебен принос како утрината, со таков прелив кон него, принесувај како жртва – благопријатен мирис пред Господ. Саботни жртви 9 А во саботен ден по две едногодишни машки јагниња без недостаток, и лебен принос две десетини од ефа пченично брашно, помешано со масло, и прелив кон него. 10 Тоа е саботна сепаленица за секоја сабота, освен постојаната сепаленица и преливот за неа. Жртви за првиот ден од месецот 11 и во првиот ден од месецот принесувајте Му на Господ сепаленици: два јунци, еден овен и седум едногодишни машки јагниња без недостаток, 12 и три десетини од ефа пченично брашно, измешано со масло, како лебен принос кон секој јунец, и две десетини од ефа пченично брашно, измешано со масло, како лебен принос со овенот, 13 и по една десетина од ефа пченично брашно, помешано со масло, како лебен принос за секое јагне, тоа е сепаленица, благопријатен мирис, жртва на Господ; 14 а преливот за нив треба да биде половина ин вино за јунецот, една третина од ин за овен и една четвртина ин за јагне; тоа е сепаленица за секое новомесечје во текот на сите месеци на годината. 15 Принесувајте Му на Господ секогаш и по еден козел како жртва за грев; него треба да го принесувате покрај секојдневната сепаленица, заедно со преливот за него. Жртви за празникот Пасха 16 Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот, е Пасха Господова. 17 И на петнаесеттиот ден од тој месец е празник; седум дена треба да се јадат бесквасни лебови. 18 Во првиот ден да имате свето собрание; никаква работа не вршете; 19 и принесете сепаленица, жртва на Господ: два јунци, еден овен и седум едногодишни машки јагниња; тие да се без недостаток; 20 и кон нив лебен принос принесувајте пченично брашно, измешано со масло, три десетини од ефа за секој јунец, и две десетини од ефа за овенот, 21 и по една десетина ефа принесувајте за секое од седумте јагниња, 22 и еден козел – жртва за грев, за да се ослободите од гревот; 23 принесувајте го тоа, освен утринската сепаленица, која е постојана жртва. 24 Така правете секој ден во седумте дена; тоа е дар, принос благопријатен за Господ; освен редовната сепаленица и преливот кон неа треба да го принесувате тоа. 25 И во седмиот ден треба да имате свето собрание; никаква работа не вршете. Жртви за празникот Педесетница 26 И во денот на Првите плодови, кога Му принесувате на Господ нов лебен принос на празникот на Седмиците, треба да имате свето собрание, никаква работа не вршете; 27 и принесувајте сепаленици – благопријатен мирис на Господ: два јунца, еден овен и седум едногодишни машки јагниња, 28 а заедно со нив и лебен принос од пченично брашно, измешано со масло, три десетини од ефа за секој јунец, две десетини од ефа за овен, 29 и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња; 30 и еден козел – за ослободување од грев. 31 Принесувајте ми ги овие жртви со нивниот прелив, освен постојаните сепаленици со лебниот им принос; тие треба да бидат без надостаток.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society