Броеви 22 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)Народот на Израел во рамнините моавски Историјата на Валаам: апелот на царот 1 Тогаш синовите израелски тргнаа и се настанија во западниот дел на Моав, од другата страна на Јордан, спроти Ерихон. 2 И Валак, синот Ципоров, виде сѐ што им беше направил Израел на Аморејците. 3 И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од синовите на Израел. 4 Тогаш Моавците им рекоа на мидјанските старешини: „Овој народ сега истребува сѐ околу нас, како што воловите ја изедуваат полската трева.“ А Валак, синот Ципоров, беше моавски цар во тоа време. 5 Тој испрати пратеници кај Валаам, синот Беоров во Петор што е крај Реката во земјата на неговите предци, да го повикаат и да му кажат: „Ете, народот што дојде од Египет, го покри лицето земно, и сега се смести близу до мене. 6 Затоа дојди и проколни го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам дека кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.“ 7 И отидоа моавските старешини и старешините мидјански со подароци во рацете за врачувањето и дојдоа при Валаам и му ги соопштија Валаковите зборови. 8 И тој им рече: „Преспијте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.“ И моавските старешини останаа кај Валаам. 9 И дојде Бог кај Валаам и му рече: „Кои се оние луѓе кај тебе?“ 10 Валаам Му одговори на Бога: „Моавскиот цар Валак, синот Ципоров ги испратил кај мене да кажат: 11 Ете, народот што дојде од Египет, го покри земното лице; дојди, па, проколни го; тогаш можеби ќе можам да го поразам и да го изгонам.“ 12 И му рече Бог на Валаам: „Не оди со нив, не проколнувај го тој народ, бидејќи е благословен.“ 13 И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: „Вратете се во својата земја, зашто Бог не ми дозволува да одам со вас.“ 14 Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: „Валаам не сакаше да дојде со нас.“ 15 И Валак пак испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите. 16 И тие дојдоа кај Валаам и му рекоа: „Вака вели Валак, синот Ципоров: ‚те молам, не откажувај да дојдеш кај мене; 17 ќе ти укажам големи почести и ќе направам сѐ што ќе ми кажеш; па дојди и проколни го тој народ.‘“ 18 Валаам одговори и им кажа на слугите Валакови: „Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господ Бог, и да извршам нешто мало или големо; 19 но сепак, останете и вие тука оваа ноќ, и јас ќе разберам што уште ќе ми каже Господ.“ 20 И дојде ноќта Бог кај Валаам и му рече: „Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она што ќе ти го речам Јас.“ 21 Утрината Валаам стана, ја оседла магарицата своја и тргна со моавските кнезови. Магарицата на Валаам 22 И пламна јароста Божја, затоа што тргна тој, и застана ангел Господов на патот, за да му попречи. Тој јаваше на магарицата своја, а со него и двајца слуги негови. 23 И магарицата го виде ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, па скршна од патот и тргна по полето; а Валаам почна да ја удира магарицата, за да се врати на патот. 24 И застана ангелот Господов на еден тесен пат меѓу лозјата, оградени, и од едната, и од другата страна. 25 Магарицата кога го виде ангелот Господов, се прилепи кон оградата и ја притисна ногата на Валаам; и тој пак почна да ја тепа. 26 Но ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што немаше каде да се скршне – ниту надесно, ниту налево. 27 Магарицата, кога го виде ангелот Господов, легна под Валаам. И се разгневи Валаам и пак почна да ја тепа магарицата со стапот. 28 Тогаш ја одврза Бог устата на магарицата и таа му рече на Валаам: „Што ти направив, та ме тепаш еве веќе третпат?“ 29 Валаам ѝ рече на магарицата: „Затоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев.“ 30 А магарицата му рече на Валаам: „Нели сум јас твојата магарица, која ти ја јаваш од младоста твоја до денес? Сум ти правела ли вака досега?“ Тој одговори: „Не.“ 31 И му ги отвори Господ очите на Валаам, и тој го виде ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, се поклони и падна ничкум. 32 И му рече ангелот Господов: „Зошто ја тепаш магарицата еве веќе трипати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја! 33 И магарицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе трипати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.“ 34 И му рече Валаам на ангелот Господов: „Згрешив, бидејќи не знаев дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам.“ 35 И му рече ангелот Божји на Валаам: „Оди со овие луѓе; само зборувај го она што Јас ќе ти го кажувам.“ И отиде Валаам со Валаковите кнезови. Средба меѓу Валаам и Валак 36 Валак, кога чу дека доаѓа Валаам, излезе да го пречека во моавскиот град, кој е во Арнонските предели, при самиот крај. 37 И му рече Валак на Валаам: „Нели испратив јас при тебе да те викаат, зошто не дојде кај мене? Или зар не можам да ти укажам почести?“ 38 И му рече Валаам на Валак: „Ете, јас дојдов кај тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог ќе го вложи во устата моја, тоа и ќе го кажувам.“ 39 И тргна Валаам со Валак, и влегоа во Кирјат-Хуцот. 40 И закла Валак волови и овци и му испрати на Валаам и на кнезовите, кои беа со него. Валаам го благословува народот на Израел 41 А утрината Валак го зеде Валаам и го качи на Бамот-Ваал, за да види оттаму еден дел од народот. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society