Online Bible

- Reklamy -

Броеви 19 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


За водата од пепелта на црвената јуница

1 И им рече Господ на Мојсеј и на Арон, велејќи:

2 „Еве ја наредбата на законот што Господ ја заповеда, кога рече: јави им на синовите израелски да ти доведат црве­никава јуница, здрава, без недостаток, која не била впрегнувана;

3 дајте ја на свештеникот Елеазар, и да ја изведат надвор од населбата, и да ја заколат пред него.

4 И нека земе свештеникот Елеазар од крвта нејзина и нека попрска со неј­зи­ната крв седумпати пред скинијата на собранието.

5 И потоа да ја изгорат пред очите негови: и кожата нејзина, и месото неј­зино, и крвта, а и нечистотиите нејзини – да ги изгорат.

6 И свештеникот да земе кедрово дрво, и исоп, и нишка од темноцрвена волна и да ги фрли во средината на огнот каде што гори јуницата.

7 А свештеникот да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода, а потоа да влезе во населбата, и свештеникот ќе биде нечист до вечерта.

8 И оној, кој ја изгорел, да ја испере облеката своја со вода, и да го измие телото свое со вода, и да биде нечист до вечерта.

9 А некој чист да ја собере пепелта од јуницата и да ја остави надвор од населбата на чисто место, и таа да се чува за општеството на синовите израелски, за приготвување очистителна вода. Тоа е жртва за грев.

10 И оној што ја собрал пепелта од јуницата, да ја испере облеката своја, и да биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечно озаконување за синовите на Израел и за придојдените што живеат меѓу нив.“


Закон за очистувањето

11 „Оној што ќе се допре до мртво тело на кој и да било човек, да биде нечист седум дена:

12 тој треба да се очисти со таа вода на третиот ден и на седмиот ден, и ќе биде чист; ако, пак, не се очисти на третиот и на седмиот ден, нема да биде чист.

13 Секој што се допрел до мртво тело на кој и да било умрен човек и не се очистил, ќе ја оскверни скинијата Гос­подова; тој човек да се истреби од народот на Израел, зашто не е попрскан со вода за очистување; тој е нечист: нечистотата негова е сѐ уште на него.

14 Еве го законот: ако човек умре до­ма, тогаш секој што ќе влезе во домот, и сѐ што е во него, да биде нечисто седум дена;

15 секој откриен сад, незаврзан и непокриен, е нечист.

16 Секој што ќе се допре в поле до убиен, или до умрен, или до човечка коска, или до гроб, да биде нечист седум дена.

17 За нечистиот да земат пепел од онаа изгорена жртва за грев и да ја полеат со изворска вода во сад.

18 И некој чист нека земе исоп и нека го потопи во вода и да го попрска домот и сите садови и луѓе што ќе се најдат таму, и оној што се допрел до човечка коска, или до убиен, или до умрен, или до гроб;

19 и чистиот да го попрска нечистиот на третиот и на седмиот ден и во седмиот ден тој ќе се очисти; и да ја испере облеката своја, и да се измие со вода, и до вечерта ќе биде чист.

20 Ако некој се оскверни и не се очисти, тој човек да се истреби од народот, зашто тој го осквернил светилиш­тето Господово: тој не е испрскан со вода за очистување: нечист е.

21 Тоа нека ви биде вечна наредба. И оној, кој прска со вода за очистување да ја испере облеката своја; и оној кој се допрел до вода за очистување, да биде нечист до вечерта.

22 И сѐ, до што ќе се допре нечистиот, да биде нечисто; и човек кој се допрел, ќе биде нечист до вечерта.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy