Броеви 13 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: 2 „Испрати од себе луѓе да ја разгледаат хананската земја што Јас им ја давам на синовите израелски во владение: по еден човек од секое колено на предците нивни испратете – првенците меѓу нив!“ 3 Тогаш Мојсеј ги испрати од пустината Фаран, по заповед Господова, и тие сите беа мажи, старешини на синовите израелски. 4 Еве ги имињата нивни: од Рувимовото колено – Шамуа, Закуровиот син; 5 од Симеоновото – Сафат, Хориевиот син; 6 од Јудиното колено – Халев, Јефунеовиот син; 7 од Исахаровото колено – Јигал, Јосифовиот син; 8 од Ефремовото колено – Осија, Навиновиот син; 9 од Венијаминовото – Палтиј, Рафуовиот син; 10 од Завулоновото колено – Гадиел, Содиевиот син; 11 од Јосифовото колено на синовите Манасиини – Гадиј, Сусиевиот син; 12 од Дановото колено – Амиел, синот на Гемалиј; 13 од Асировото колено – Сетур, Михаиловиот син; 14 од Нефталимовото колено – Нахбиј, Вафсиевиот син; 15 од Гадовото колено – Геуел, Махиевиот син. 16 Тоа се имињата на мажите што ги испрати Мојсеј да ја разгледаат земјата. И го нарече Мојсеј Осија, Навиновиот син, Исус. 17 Ги испрати Мојсеј да ја разгледаат хананската земја и им рече: „Одете во онаа пустина и качете се на планината, 18 и погледајте ја земјата каква е, и народот што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многуброен; 19 и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, – оградени ли се или не. 20 Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Бидете храбри, па земете од плодовите на земјата.“ А тоа беше во времето кога зрее грозјето. 21 Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустината Син дури до Рехов, близу до Емат; 22 и одејќи по пустината, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Шешај и Талмај, од родот на Анак; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Цоан; 23 и дојдоа до долината Ешкол, и таму пресекоа прачка со еден грозд, и обајца ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви; 24 тие го нарекоа тоа место Лозова долина (долина Ешкол), поради гроздот што го пресекоа таму синовите израелски. Одговорот на Мојсеевите извидници 25 И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена. 26 И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеј и Арон и кај целото општество на синовите израелски во пустината Фаран, во Кадис, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја; 27 и му раскажаа и рекоа: „Бевме во земјата, во која нѐ испрати; во неа навистина тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини; 28 но народот, кој живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени и многу големи; таму ги видовме и потомците на родот Анаков. 29 Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хитијците, Јевусијците и Аморејците живеат по планината; Хананците, пак, живеат крај морето и по брегот на Јордан.“ 30 Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеј, велејќи: „Да појдеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја покориме!“ 31 А оние што беа оделе заедно со него, рекоа: „Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.“ 32 И протурија ужасни гласови меѓу синовите израелски за земјата што ја беа разгледале и велеа: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите што ги видовме на неа, се многу поголеми. 33 И таму видовме огромни луѓе од потомците на родот Анаков; ние изгледавме пред нив како скакулци; такви бевме и во нивните очи.“ |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society