Online Bible

- Reklamy -

Броеви 10 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Сребрените труби

1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2 „Направи си две сребрени труби, ковани направи ги, за да ти служат да го собираш народот и да ги креваш логорите.

3 А кога ќе затрубат со нив, да се собере кај тебе целото општество пред влезот од скинијата на собранието.

4 Кога ќе се затруби со едната труба, да дојдат кај тебе кнезовите и војводите израелски.

5 Кога ќе затрубите за поаѓање, да се кренат оние логори што се сместени кон исток.

6 Кога ќе затрубите по вторпат за поаѓање, тогаш да се кренат логорите што се сместени кон југ; вака да се труби кога се тргнува на пат.

7 Кога, пак, се свикува собранието, трубете, но не на тој начин.

8 Со трубите да трубат Ароновите синови, свештениците: тоа да ви биде вечен закон во родовите ваши.

9 И кога ќе се кренете да ја браните земјата ваша од непријателот, кој оди против вас, трубете со трубите, и Гос­под, Бог ваш, ќе си спомни за вас, и вие ќе се избавите од непријателите ваши.

10 И во деновите кога ќе се веселите, и на празниците ваши, и на ново­месе­чијата ваши трубете со труби кога принесувате сепаленица, или жртва за мир; тоа ќе биде за вас сеќавање пред ва­шиот Бог: Јас сум Господ, Бог ваш.“


Од Синај до границите на Моав Израелците поаѓаат на пат

11 На втората година, во вториот ме­сец, на дваесеттиот ден од месецот, об­лакот се крена од скинијата на со­бра­нието.

12 Тогаш синовите израелски појдоа од Синајската Пустина табор по табор, и облакот застана во пустината Фаран.

13 И се кренаа тие за првпат, по запо­вед на Господ, дадена преку Мојсеј.

14 Прво беше кренато знамето што беше во логорот на потомците Јудини, според полковите нивни; со војската Јудина раководеше Наасон, Ами­надаво­виот син;

15 со војската од племето на потомците Исахарови раководеше Натанаил, Цуаровиот син;

16 над војската од племето на потомците Завулонови беше Елијав, Хелоно­виот син.

17 И се кренаа синовите Гирсонови и синовите Мерариеви, кои ја носеа ски­нијата.

18 Потоа беше кренато знамето во логорот на потомците Рувимови според полковите нивни; и над војската Руви­мова беше Елицур, Шедеуровиот син;

19 а над војската од племето на потомците Симеонови беше Шелумиел, Цу­ри­ша­даевиот син;

20 над војската, пак, од племето на по­томците Гадови беше Елијасаф, Деуе­лов син.

21 Потоа тргнаа Каатовците, носејќи го светилиштето; а скинијата ја пос­таву­ваа пред тие да пристигнат.

22 И се крена знамето во логорот на потомците Ефремови со војската негова; и над војската Ефремова беше Ели­шама, Амиудовиот син;

23 а над војската од племето на потомците Манасиеви беше Гамалиил, Педа­цу­ровиот син;

24 над војската пак, од племето на потомците Венијаминови беше Авидан, Гидониевиот син.

25 Последно меѓу сите логори беше кре­нато знамето во таборот на потомците Данови со војската нивна; и над војската Данова беше Ахиезер, Амиша­даевиот син;

26 а над војската од племето на потомците Асирови беше Пагиил, Охрано­ви­от син.

27 Над војската пак, од племето на потомците Нефталимови беше Ахира, Енановиот син.

28 Тоа е редоследот на тргнувањето на синовите израелски со војските нивни. И тргнаа.


Мојсеј бара предводник за патувањето

29 И му рече Мојсеј на Ховав, синот на Рагуил, Мидјанецот, Мојсеевиот тест: „Ние одиме во она место, за кое Господ рече: ‚вам ќе ви го дадам.‘ Дојди со нас, ќе ти направиме добро, зашто Господ вети многу добрини за Израел.“

30 Но тој му одговори: „Нема да дојдам; ќе отидам во својата земја, при родот свој.“

31 А Мојсеј му рече: „Не оставај нѐ, зашто ти ги знаеш местата во пустината, и ќе ни бидеш како предводник.

32 Ако појдеш со нас, оние добра што Господ нам ќе ни ги направи, ќе ти ги направиме и ние тебе.“

33 И изминаа од планината Господова три дена пат, а ковчегот на заветот Господов одеше пред нив на три дена пат, за да им одбере место, каде да се сместат.

34 И облакот Господов ги осенуваше дење, кога тргнуваа од логорот.

35 Кога ковчегот се креваше за пат, Мојсеј велеше: „Стани, Господи, и ќе ги снема Твоите непријатели, и ќе избегаат од Твоето лице оние што Те мра­зат!“

36 А кога ковчегот се запираше, тој велеше: „Врати се, Господи, кај илјадите и десетиците илјади Израелци!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy