Online Bible

- Reklamy -

Авакум 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Пророковата молитва полна со радосна надеж

1 Молитвата на пророкот Авакум – за пеење.

2 Господи, чув за славата Твоја и се восхитувам на делото Твое. Повтори го во нашето време! Разгласи го во нашите дни! Во гневот Свој сети се на милост.

3 Бог дојде од Теман и Светецот од гората Фаран. Величието Негово ги пок­ри небесата, и славата Негова ја ис­полни земјата.

4 Болскотот Му е како сончева свет­лина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила.

5 Пред лицето Негово врви чума, а по стапките Негови – грозница!

6 Тој стана и земјата се затресе; погледа – и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни.

7 Натажени ги видов шаторите етиопски; се стресоа колибите на земјата мидјанска.

8 Зар против реките, Господи, пламнал гневот Твој? Зар против реките е Твоето негодување, или, пак, против морето е јароста Твоја – па си седнал на коњите Свои, на победничките бојни коли?

9 Ти го извади лакот Свој и со отровни стрели го затегна. Со реки ја сечеш земјата.

10 Кога Те видоа, планините затрепе­рија, водите навалија; бездната го пушти гласот свој и сонцето ги крена рацете свои.

11 Месечината застана на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои.

12 Во гнев одиш по земјата и во јарост ги газиш народите.

13 Ти излегуваш за спасение на народот Твој, за спасение на помазаникот Свој. Ти ја поразуваш главата на нечес­тивиот дом, оголувајќи го од темелите до врвот.

14 Со копјата нивни Ти го прободе водачот нивни, кога како виор се спуш­тија да ме разбијат, радосни, зашто мислеа дека скришум ќе го проголтаат сиромавиот.

15 Газиш по морето со коњите Свои, преку длабините на големите води.


Односот на Авакум кон Божјата порака

16 Јас чув и внатрешноста моја затре­пери, при гласот Твој затреперија и ус­ните мои, болка почувствував во кос­ките мои, и местото под мене трепери; ќе се успокојам кога ќе дојде несреќ­ниот ден врз народот што нѐ угнетува.


Вера и во зло време

17 Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема,

18 јас и тогаш ќе се радувам во Господ и ќе се веселам во Бога на моето спасение.

19 Господ Бог е мојата сила: Тој ќе ги направи нозете мои како на елен и ќе ме поведе по височините мои. На хороводителот: со жичени инструменти.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy