Амос 4 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)За Самарјанките 1 Чујте го ова слово, јуници башански, вие, кои сте на Самарјанската Гора, вие, кои ги измачувате сиромасите, ги угнетувате бедните и им велите на своите мажи: „Донесете да пиеме!“ 2 Се заколна Господ Бог во Својата светост дека, ете, ќе дојдат врз вас дни, кога ќе ве извлечат со куки и остатокот ваш – со јадици. 3 Па ќе излезете низ пукнатините на ѕидовите, секоја – како ќе може, и ќе бидете фрлени кон Хармон, вели Господ. Непослушниот Израел 4 Одете во Ветил и грешете, во Гилгал и умножувајте ги престапите, принесувајте жртви секое утро, десетоци секој трет ден. 5 Принесувајте како благодарствена жртва леб со квас, објавете доброволни прилози и разгласувајте за нив, зашто вие тоа го сакате, синови Израелови, вели Господ. Божјите предупредувања до Израел 6 Затоа и ви дадов чисти заби во сите ваши градови и недостиг од леб по сите ваши населби; но вие не се вративте кај Мене, вели Господ. 7 И ве лишив од дожд три месеци пред жетва; пуштав дожд врз еден град, врз друг град не пуштав; еден дел беше напојуван со вода, а другиот – ненаросен со дожд, и се исушуваше. 8 И се собраа два-три града во еден град, за да се напијат со вода и не можеа да се напијат до ситост; но и тогаш вие не се вративте кај Мене, вели Господ. 9 Ве казнував со суша и метлика по житата и во многу ваши градини и лозја, а насадите со смокви и маслини ги јадеа гасеници, и при сето тоа пак не се вративте кај Мене, вели Господ. 10 Ви праќав помор, како египетскиот, ги убивав со меч момчињата ваши, ги одведов коњите ваши во плен, и смрад во становите ваши се креваше во ноздрите ваши, и покрај сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ. 11 Ве сотирав, како што Бог ги разруши Содом и Гомора, и вие бевте истргнати од огнот како гламња, но при сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ. 12 Затоа вака ќе постапам со тебе, Израеле; и бидејќи така ќе постапувам со тебе, приготви се да Го дочекаш твојот Бог, Израеле. 13 Зашто, ете, Оној, Кој образува гори и создава ветар и му ги објавува замислите Свои на човекот, утринската светлина ја претвора во мрак и оди високо над земјата, Господ Бог Саваот е Неговото име. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society