Online Bible

- Reklamy -

Амос 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)

1 Чујте го овој збор, што го кажа Господ против вас, синови на Из­раел, против целото племе, кое го изведов од земјата египетска, велејќи:

2 само вас ве признав од сите земни племиња, поради тоа и ќе ве казнам поради сите ваши беззаконија.


Дело на пророк

3 Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе?

4 Рика ли лав во гора, кога нема пред него плен? Пушта ли глас лавче од својата пештера, ако ништо не уловило во неа?

5 Паѓа ли птица во мрежа на земја, кога нема мрежа за неа? Ќе се подигне ли од земјата стапица, ако не се фати ништо во неа?

6 Труби ли труба во град, а народот да не се уплаши? Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ?

7 Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците.

8 Кога ќе зарика лав, кој нема да се исплаши? Господ Бог зборува – кој нема да пророкува?


Суд за Самарија

9 Прогласете од тврдините на Ашдод и од покривите на земјата египетска и кажете: соберете се по горите на Сама­рија и погледајте го големото бесчестие во неа и насилствата во неа.

10 Тие не знаат да постапуваат спра­ведливо, вели Господ: со насилие и гра­беж собираат добра во дворците свои.

11 Затоа, вака вели Господ Бог: еве, непријателот ќе ја опколи земјата, од­браната ќе ти ја разбие и дворците твои ќе бидат ограбени.

12 Така вели Господ – како што поне­когаш пастирот истргнува од лавовска уста две нозе или дел од увото, така ќе бидат спасени синовите Израелови, кои сега седат во Самарија во аголот на постелата своја и во Дамаск на леглото свое.


Жртвениците во Ветил

13 Слушајте и бидете сведоци против домот на Јаков, вели Господ Бог Са­ваот.

14 Зашто во оној ден, кога ќе го казнам Израел за престапите негови, ќе го казнам и за жртвениците во Ветил; ќе бидат отсечени роговите на жртвеникот и тие ќе паднат на земја.

15 Ќе го поразам зимскиот дом заедно со летниот дом, и ќе исчезнат домовите со украси од слонова коска, ќе снема многу домови, вели Господ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy