Послание на апостол Павле до Тит 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990За поставување свештеници и за честитоста во Крит. 1 Павле, слуга Божји и апостол на Исуса Христа за верата на Божјите избраници и за познавање на вистината во побожноста, 2 со надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже – пред вечни времиња, 3 и во свое време го јави словото Свое преку проповедта, што ми ја повери мене по заповед на нашиот Спасител, Бога, 4 до Тит, вистинското чедо по заедничката вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, нашиот Спасител! 5 Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал: 6 кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност. 7 Бидејќи епископот, како Божји распоредник, треба да е непорочен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за гнасна печалба, 8 туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив; 9 кој се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги изобличува оние, кои се противат. 10 Оти има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните, 11 на кои треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, поради одвратна печалба. 12 Еден од нив, нивни пророк, беше рекол: »Критјаните се секогаш лажливци, зли ѕверови, мрзливи трбуси«. 13 Тоа сведоштво е вистинско. Поради таа причина изобличувај ги строго, за да бидат здрави во верата, 14 и да не слушаат јудејски бајки и заповеди од луѓе, кои одвраќаат од вистината. 15 За чистите е сѐ чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста: 16 тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и негодни за никакво добро дело. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society