Создавање 50 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990Погребението на Јакова во Хеврон. Јосифовата благодарност. Неговата смрт. 1 Тогаш Јосиф падна врз лицето од таткото свој, плака над него, и го целива. 2 И им заповеда Јосиф на гробарите, кои беа во негова служба, да го погребат таткото негов; и гробарите го погребаа Израилот. 3 И изминаа четириесет дена, зашто така се бројат деновите погребни, и го оплакуваше седумдесет дена. 4 Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците Фараонови, велејќи: »Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со Фараонот и речете му: 5 ‚Таткото мој ме заколна пред да умре и ми рече: – Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.« И му рекоа на Фараонот според зборовите Јосифови. 6 А Фараонот му рече на Јосифа: »Оди и погреби го таткото твој, штом те заколнал.« 7 Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги Фараонови, старешини од земјата египетска, 8 и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов и роднините негови. Овците и говедата ги оставија во земјата Гесем. 9 Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, толку многу, што претставуваа голема погребна придружба. 10 А кога дојдоа во Горни Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. 11 А луѓето од онаа земја хананска кога видоа плачење во Горни Хатад, рекоа: »Голема жалост имаат Египтјаните.« Затоа тоа место го нарекоа »Абел Мисраим«, односно, плач египетски: што е отаде Јордан. 12 И му направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; 13 го однесоа синовите негови во земјата Хананска, и го погребаа во пештерата на нивата Макпела, што беше ја купил Авраам од Хетеецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. 14 А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на погребението на неговиот татко. 15 Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа; »Да не би да си спомни Јосиф за нашата омраза, па да ни одмазди за сето зло, што му го направивме!« 16 Затоа дојдоа и му рекоа на Јосифа: »Татко ти остави клетва пред да умре и рече – 17 ‚Вака кажете му на Јосифа: Прости им ја на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти го направија.‘ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот Бог.« А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа. 18 Потоа дојдоа пред него и рекоа: »Еве, ние сме слуги твои.« 19 Јосиф им рече: »Не плашете се, бидејќи јас сум по Бога. 20 Вие помисливте лошо за мене, но Бог тоа го обрна во добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се прехранат многу луѓе.« 21 И им рече: »Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите домови.« Така ги утеши, зборувајќи угодно. 22 И продолжи да живее Јосиф во Египет, самиот тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживе сто и десет години. 23 И ги виде Јосиф синовите Ефремови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, што се родија на колената Јосифови. 24 Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: »Јас ќе умрам; но Бог вас секако ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал Бог на нашите татковци – на Авраама, на Исака и на Јакова.« 25 Па ги заколна Јосиф синовите Израилеви и им рече: »Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!« 26 Потоа умре Јосиф кога имаше сто и десет години. И, го погребаа, го положија во ковчег во Египет. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
Macedonian Bible Society